сабота, 27 јули 2024

Каква енергетска политика ќе води Македонија – заштита на националните интереси или следење на политиките на Брисел и Вашингтон

Ќе има ли промени во енергетската политика на новата власт? Претставници на партиите кои ќе бидат дел од новата власт најавуваат сериозни проекти и промени во правците на досегашната политика во енергетиката. За време на кампањите на довчерашната опозиција беше најавувана независна и самостојна енергетска политика, независно од актуелните судири на релација Брисел-Москва-Вашингтон.

 

Објавено на

часот

Сподели

Експертите се согласни дека Македонија мора да ги следи пред сѐ своите национални интереси за да обезбедува енергија за своето население по најниски можни цени. „Македонија не треба да ги следи слепо политиките на Брисел и Вашингтон во однос на санкциите кон Русија затоа што тие санкции доведуваат до значаен пораст на цените на енергијата во Македонија“, вели професорот Атанаско Тунески oд партијата ЗНАМ.

 

Тој ги повтори информациите дека земји членки на ЕУ (Австрија, Словачка, Унгарија) и покрај санкциите директно се снабдуваат со руски гас. Германија се снабдува со руски гас преку своите соседи Белгија и Холандија. Ако овие богати ЕУ држави сѐ уште не можат без рускиот гас, како тогаш може да се бара од сиромашната Македонија, која и не е членка на ЕУ, целосно да се ослободи од увозот на руски гас, прашува професорот Тунески.

„Ако Македонија купува руски гас со подолгорочни директни договори со квалитетни производители, тогаш цените би биле од 15% до 20% пониски од сегашните цени на гасот во Македонија, снабдувањето би било олеснето, предвидливо и стабилно. Македонија и сега практично купува руски гас, но купувањето е индиректно, краткорочно, преку посредници, со дополнителни провизии. Македонија е сосема безначаен потрошувач на рускиот гас, односно количините на руски гас што Македонија ги троши се многу важни за неа, но сосема се занемарливи и неважни за да имаат какво било влијание на извозот на руски гас. Со доследното спроведување на економските санкции кон Русија загуби има само Македонија, односно тие санкции за Русија немаат никакво влијание и значење.

Македонија ќе биде корисен и значаен стратешки партнер на Брисел и Вашингтон само ако е економски и енергетски самоодржлива, јака и стабилна, а санкциите кон Русија сериозно ја намалуваат таа стабилност, без да имаат какво било влијание врз Русија. Македонија мора самостојно да ги покрие потребите од електрична енергија на домаќинствата, преку производство на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост, а тоа најбрзо, за најмногу три години, може да се направи со изградба на две гасни когенеративни електрани (ТЕ-ТО Скопје и ТЕ-ТО Неготино), во државна сопственост, коишто ќе се снабдуваат со гас по најниски можни цени, без оглед дали гасот е руски или не“, смета Тунески.

Сања Божиновска, меѓународен експерт за енергетика и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ако се коментира политиката на Македонија во однос на санкциите кон Руската Федерација значи да се навлезе, пред сѐ во доменот на надворешната и безбедносна политка, која нашата држава, по избувнувањето на војната во Украина целосно ја усогласува со Европската Унија.

„Во овој контекст, без да навлегувам во причините кои доведоа до нашето целосно присоединување кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, јас би додала дека и по формирањето на новата влада, оваа определба ќе остане на сила сѐ додека не бидат создадени поинакви услови, кои ќе доведат до олабавување на режимот на санкции кон Руската Федерација“, вели Божиновска додавајќи дека ова е и заложба која е содржана во програмата 1198 во делот на надворешната политика и од овој курс не очекувам да има никакви отстапувања. Дополнително, вели Божиновска, треба да се има предвид и фактот дека од пред околу две години, Република Македонија е внесена во листата на земји непријатели на Руската Федерација, што значително го ограничува и усложнува натамошниот, не само политички дијалог меѓу двете држави, туку и конкретните форми на соработка, а каде што спаѓа и соработката во делот на енергетиката.

„Во овој контекст не смееме да заборавиме ниту на обврските кои државата ги има преземено со членството во НАТО во 2020 година во делот на колективната безбедност и соочувањето со заедничките предизвици, наметнати од трети страни. Имајќи го сето ова предвид, да се говори за независна енергетска политика, пред сѐ, во однос на Руската Федерација, не е возможно. Но, и во генерални рамки, во денешниот свет независна енергетска политика можат да водат само земјите кои се целосно самоодржливи во енергетска смисла, а такви се малку на број.  И во 2023 имаше земји членки на ЕУ кои се снабдуваа со гас од Русија. Сепак целосното сечење на Русија од енергетската равенка ќе биде многу потешко да се постигне низ поделена ЕУ, каде земјите не само што имаат многу различни енергетски потреби, туку и многу различни односи со Кремљ. Дополнително, целокупната потрошувачка на природен гас во ЕУ се намали за речиси 18 отсто, како дел од напорите во целиот блок за диверзификација на енергетските снабдувања, зголемување на ефикасноста и инвестирање во обновливи извори. ЕУ се обврза да ја прекине зависноста од рускиот увоз на фосилни горива до 2027 година преку својот план REPowerEU и, според Европската комисија, е на пат да ја исполни таа цел“, вели Божиновска.

Таа потсетува дека и покрај тоа што увозот на руски гас преку гасоводот во ЕУ се намали од февруари 2022 година, Русија ги зголеми количините на лнг после предвоениот период. Според податоците на Евростат, во 2023 година, САД го снабдија поголемиот дел од лнг на ЕУ (40 проценти), по што следат Русија и Катар, кои имаат пазарен удел од околу 13 проценти. ЛНГ не е предмет на санкции на ЕУ и се одвива претежно преку танкери и скокна за 40 отсто во периодот помеѓу јануари и јули 2023 година во споредба со предвоените нивоа.

„Од друга страна, вреди да се спомене и дека согласно официјалните податоци, годишната потрошувачка до пред десет години беше под 100 милиони норални метри кубни, додека во 2021 година го достигнува максимумот со 426 милиони нормални метри кубни, што количински е малку, споредено дури и со останатите земји во регионот. Да, државата е целосно зависна од увоз на природен гас, но реалниот импакт врз економијата во сегашните услови, каде гасот генерално се користи во индустријата не е голем. Оттука, ако убаво ги погледнете заложбите на ВМРО-ДПМНЕ во делот на натамошната гасификација на земјата, на гасификацијата се става голем акцент во програмата 1198.  Лесно е да се заклучи дека идната влада, не само што има разбирање за сегашната состојба, туку нуди и конкретни решенија кои коренито ќе ја променат оваа реалност. Едноставно, не може да се најде никакво оправдување за фактот дека гасификацијата на државата запре со промената на власта во 2017 година, а воведувањето санкции кон Руската Федерација, не беше искористено за да се наметне тема во односите со Европската Унија и нашите партнери од Западот, со цел да се изнајдат начини да се забрза гасификацијата. Покрај ова, гасоводните интерконектори за кои говориме во програмата, а кои се мошне важен предуслов за зголемување на енергетската безбедност на државата и диверзификација на изворите на снабдување, требаше да добијат приоритет, а со самото тоа да се дискутира со нашите европски партнери околу конкретната помош која ЕУ би ни ја овозможила со цел навремена реализација на овие проекти. Сето ова ќе биде приоритет уште од првиот ден на формирање на новата влада.

На крај морам да напоменам дека развивањето на сеопфатна долгорочна енергетска стратегија која ги смета еволуирачките пазарни трендови, технолошките напредоци и напорите за глобална енергетска транзиција е неопходна за одржување на конкурентноста и отпорноста.

Спроведувањето на темелни проценки на геополитичките ризици поврзани со увозот на гас е од суштинско значење за предвидување на потенцијалните нарушувања и развојот на плановите. Следењето на геополитичките настани во регионите за производство на гас и одржувањето на дипломатските односи со клучните снабдувачи може да помогне во усогласувањето на ризиците.

Со усвојувањето на сеопфатен пристап кој ги комбинира диверзификацијата, развојот на инфраструктурата, енергетската ефикасност и управувањето со ризикот, Македонија може да ја зајакне својата енергетска безбедност и да обезбеди доверлив увоз на гас на долгорочен план. Секако Македонија мора исто така да се фокусира и на искористување на енергија од обновлите извори за да може да ја намалиме зависноста од увозот на електрична енергија“, изјави за МКД.мк Божиновска.

Во однос на увозот на нафта и нафтени деривати, Македонија е речиси целосно зависна од ОКТА, односно од грчката компанија Хеленик петролеум, којашто од март 2022 престана да купува руска нафта. ОКТА не е производител на нафтени деривати, туку е трговец кому Македонија му ги плаќа нафтените деривати по берзански цени, значајно повисоки од производствените.

„Македонија троши големи финансиски средства за да ја обезбеди енергијата за своето население, и огромен дел од тие средства се троши или за директен увоз  на енергија или за увоз на ресурси за производство на енергија. Заради тоа, Македонија мора да обезбеди максимално можно намалување на увозот на енергија, односно максимално можно зголемување на енергијата произведена во енергетските капацитети во државна сопственост, со намалување на трошоците за производство на таа енергија“, заклучи професорот Тунески.

А.Д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ