Иако МКД.мк постави прашање до владината прес-служба „Дали наставниците и учениците во саботи ќе ги одработуваат двете среди, деновите на парламентарните и претседателските избори, имајќи го предвид соопштението од Владата дека се неработни денови за сите граѓани и дека тие денови нема да се одработуваат, но и имајќи предвид дека саботите се неработни денови“, до 18 часот од Владата не добивме одговор. Нема одговор и покрај неколкуте наши потсетувања дека го чекаме.
Молчат и од Министерството за образование на прашањето дали одлуката објавена и во Службен весник за одработување на средите е донесена во консултација со Владата. Дури, министерот Јетон Шаќири не ја реализира посетата на Куманово планирана за денеска, можеби за да не одговори на новинарски прашања.
И од Самостојниот синдикат за образование и култура – СОНК очигледно уште немаат одговор од Министерството на нивната писмена реакција во врска со одлуката за одработување на двете среди.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови, прогласени од Владата, заради одржување на престојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“, објави лидерот на СОНК, Јаким Неделков.
Како што веќе објави МКД.мк, Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни дена.
Освен тоа, во дописот на Министерството е наведено дека училиштата во Скопје на 15 јуни ќе го одработуваат денот од 30 ноември лани, кога изгубија настава поради Министерскиот совет на ОБСЕ.
Oсвен тоа, прашање е и дали Министерството има предвид дека во саботите и неделите, доколку се работат, на вработените треба да им исплатат дневници?
П.Џ.