Како причина за ова заболување се наведуваат повеќе фактори, но најчесто со рак на белите дробови се поврзува пушењето и последици од пушењето, при што пушачите имаат 10-20 пати поголема веројатност да развијат рак на белите дробови од непушачите. Покрај катранот постојат и други причинители како што се азбестот, загадувањето на воздухот, јонизирачкото зрачење…
Кај нас инциденцата е 14,9% што значи 1.135 нови случаи секоја година, а според стапката на смртност сме на 10-то место во светот. Според податоците, повеќе од половина од пациентите со рак на белите дробови умираат во рок од 1 година по дијагностицирање. А светските статистики покажуваат дека меѓу 8-15% од заболените од рак на бели дробови преживуваат 5 години. Само 20% од дијагностицираните случаи се подобни за операција и тие имаат 40% шанси за 5-годишно преживување.
Наспроти овие црни сценарија, резултатите од неколку истражувања и студии во светски рамки изнесуваат убедливи докази за намалување на смртноста како резултат на спроведувањето на превентивен скрининг за рак на белите дробови. Преку скринингот заболувањето се открива во фаза кога може да се интервенира и со тоа значително се намалува смртноста, се зголемува ефектот од оперативниот зафат и се продолжува животот.
Се досега, во Македонија никогаш не бил спроведен превентивен скрининг наменет за рано откривање на карцином на бели дробови.
Сега за првпат се случува клиниката Жан Митрев да почне со спроведување на национална кампања за бесплатен скрининг за рак на бели дробови со која се опфатени посебно ризичните категории. Тука влегуваат граѓани од 50 до 75 години кои во текот на 20 години пушеле повеќе од 20 цигари (или 1 кутија) на ден или 2 кутии цигари дневно во тек на 10 години, како и пациенти кои биле пушачи, а престанеле во последните 15 години. Преку скринингот ќе се открие дали носат ризик за развој на рак на бели дробови.
Од Клиника Жан Митрев велат дека целта на скринингот е навремено откривање особено на асимптоматските пациенти, кои според животните навики се во ризична група, а чие рано дијагностицирање ќе овозможи спроведување оперативен третман, со што прогнозата за преживување е многу подобра.
Клиниката Жан Митрев скринингот го прави согласно светски утврдените препораки од The American cancer society односно со примена на компјутеризирана томографија на бели дробови со ниска доза на зрачење (Low dose CT scan) што e златен стандард во скрининг дијагностиката.
Покрај навремената интервенција кај пациентите каде ќе бидат откриени канцерогени клетки, скринингот ќе помогне да се консолидира и националното мислење и да се креира соодветна програма за скрининг на рак на белите дробови, кои се исплатливи за македонскиот здравствен систем и најважно ќе спасат човечки животи.