Како да ги научиме децата да стекнат навика за редовно учење и одговорност кон наставата, кога одговорност не покажаа токму оние кои требаше на учениците да им ја обезбедат основната алатка за нивното задолжително образование – учебниците. Децата учат од возрасните, а како да им се каже дека мора да научат иако немаат учебник? Не по нивна вина.
За да нема дилема околу учебниците редакцијата на МКД.мк се обрати до Министерството за образование и наука од каде ни одговорија:
„Ве информираме дека сите учебници кои се одобрени во изминатите учебни години навремено ќе бидат испорачани до училиштата. Целосно нови учебници за прв пат одобрени ќе има и за 3–то и 6–то одделение и најголемиот дел од нив ќе се испорачаат до 1 септември, а помал дел во текот на септември“.
Порано тежеа ранците на децата, се учеше од обемни учебници, речиси и ретко каде имаше по некоја илустративна фотографија во учебниците, буквите беа со поситен фонд за да може на една страница да се собере повеќе наставен материјал. Тогаш се учеше со разбирање и ако нешто си заборавил или не си научил, имаше и друг материјал кој можеше да го користиш и да добиеш оценка.
Но, денес учебниците се полни со кратки дефиниции кои децата треба да ги научат на памет, некои наликуваат на сликовници бидејќи има повеќе фотографии отколку реченици, дел беа и контроверзни и со целосно погрешни информации или податоци, па беа враќани на доработка или повлекувани од употреба. Но, и покрај купиштата забелешки се чини дека и без овие учебници, какви-такви, нема образование.
Ако иднината е во младите тогаш учебници мора да има. Ветувањето е дека нема да ни се повтори минатата година кога голем дел од децата завршија без книги. Ако надлежните заборавиле, учениците сигурно паметат дека минатата година пред испрашување, пред час, бараа учебници во училиште од оној што има за да прочитаат некоја лекција, а дел од нив читаа по некој збор од забелешките во тетратките или учеа од Википедија. Не им беше лесно ни на учениците, ниту на наставниците и професорите.
Но згора на сѐ и покрај низата пропусти со учебниците од минатата година, директорот на Бирото за развој на образование (БРО) Зеќирија Хасипи истакна дека не чувствува одговорност за доцнењето на учебниците, поради тоа што голем дел од учениците добија учебници на неколку недели пред крајот на учебната година 2022/2023.
На новинарски прашања во јуни годинава за тоа дали ќе доцнат учебниците во новата учебна година, Хасипи рече дека за изработка на наставни програми има процедури и правилници и според тие процедури, од Бирото постапиле навремено.
Три месеци пред него министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека реалноста е дека нема пари за учебници по сите предмети во средното образование.
За почетокот на оваа година Шаќири рече дека учебници ќе има и дека може да доцнат само некои, за трето и за шесто одделение.
Но, среќа постои архива со изјавите на министерот и одговорните странки за учебниците на децата за да може да ги потсетиме. Не дека нешто комплетно ќе смениме, бидејќи не само медиумите, туку системот треба да си претрпува промени и да се подобрува, но сепак тука сме да потсетиме дека без учебници нема реформи, нема писмена нација, нема квалитетни кадри, нема добри лекари, нема добри фармацевти, адвокати, компјутерџии, економисти…
Почетокот на следниот месец е еден добар тест кој што за само неколку дена треба да ги покаже сите недостатоци на образовниот систем. Од решението и резултатите на овој тест, јавноста ќе може да изгради мислење дали МОН навистина останало на висина на задачата и ги завршиле сите постапки за одобрување и набавка на учебници, како и дали изјавите на Шаќири дека учебници ќе има за сите уште на првиот училишен ден, со исклучок на некои за трето и шесто одделение, се издржани.
Трите минати година зедоа голем данок од школувањето на децата, но еве, обезбедувањето на учебници нека биде прв чекор со кој ќе почне образовниот систем да чекори по правиот пат.
Младински образовен форум (МОФ) како младинска организација која повеќе од 20 години се бори и се залага за квалитетно образование – основно, средно и високо, на почетокот на годинава за Меѓународниот ден на образованието ги искара надлежните посочувајќи им факти дека македонскиот образовен систем е нефункционален.
Ги потсетија дека второто полугодие во 2023 година учениците од државните училишта го започнаа исто како и почетокот на училишната година во септември – со недостаток на учебници.
Им порачаа дека ако една држава не може да го испорача наједноставното/најелементарно за еден образовен процес – навремено да нарача и да испечати учебници, тогаш како може да очекуваме дека некогаш ќе стигнеме барем блиску до останатите развиени образовни системи?
Недостатокот на учебници не е единствениот проблем на македонскиот образовен систем. МОФ тогаш посочи дека и години наназад на речиси сите меѓународни и национални истражувања и анализи се укажува дека македонскиот образовен систем е во слободен пад и никој не презема нешто за суштински да го смени тоа. За жал, властите во нашата држава целосно го прифатија тој факт. Тие побараа од властите итно и сериозно да започнат со реформирање на образовниот систем и сериозно да инвенстираат во истиот поради тоа што во спротивно образованието ќе стане целосно нефункционално што пак целосно ќе се рефлектира врз и функционалноста на самата држава.
Информација со нотирани слабости испрати и омбудсманот на почетокот на минатата училишна година.
Народниот правобранител тогаш укажа на актуелниот Закон за учебници за основно и средно образование, според кој учебникот може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини кои ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење, како и учебниците за прво, второ и трето одделение.
Недостиг од учебници или користење на оштетени во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијаниаето на енергетската криза врз работата на училишта… беа дел од забелешките на омбудсманот на почетокот на минатата година.
Новата учебна година е пред почеток, а со тоа ќе треба да ги видиме во пракса ветувањата на одговорните во образовниот систем. Дали навистина работеле додека останатите институции користеле годишни одмори и дали навистина имало ангажман кој ќе придонесе да имаме нормален почеток на учебната година, ќе видиме за неколку дена.
За краток период ќе потсетиме повторно на изјавите дадени во врска со образовниот систем. Впрочем, повторувањето е мајка на знаењето, нели?
К.Д.