сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како Апсурдистан остана без небо

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Бидејќи само небото е граница на човековите права, беше природно Владата на Апсурдистан да ги постави борците за човекови права за контролори на апсурдистанското небо. Меѓутоа, не помина многу време, а борците за човекови права му се налутија на небото што им поставува граници, па решија да му се качат и убаво да го натепаат. Кутрото, откако разбра дека ќе си има работа со прочуените борци за човекови права од Апсурдистан, небото веднаш побара азил негде северно од Апсурдистан и за влакно куртули.

На тоа, Надзајкот, премиерот на Апсурдистан и наследник на славниот Голем Зајак, екпресно излезе со соопштение дека, и покрај тоа што над Апсурдистан повеќе нема небо, сонцето и натаму ќе продолжи да изгрева на запад, а месечината на север. Меѓутоа, не застана тука. Имено, Надзајакот објави дека, додека сиот свет се бори да направи авион на соларен погон, над Апсурдистан ќе прелета првиот транснебесен авион, авион на кој не му треба небо за да лета. Згора на тоа, објави премиерот, од тој ден па натаму, во Апсурдистан се укинува и земјата, за авионите да нема кај да се урнат.

Сепак, летот на првиот транснебесен авион заврши неславно: само неколку минути по полетувањето, авионот падна во транс.

Граѓаните на Апсурдистан, пак, не се возбудија многу ниту околу бегството на небото, ниту околу укинувањето на земјата, ниту околу транснебесниот авион, ниту околу неговото паѓање во транс – тие веќе одамна беа навикнати да не бидат ни на небо ни на земја, да не ги грее ни Сонце ни Месечина… Со други зборови кажано, тие веќе одамна и самите беа паднале во транс, или, како што тоа политички коректно се вика –  во транзиција. Не им значеше многу и тоа што – како што гордо објави премиерот – нивната земја е првата земја во светот, каде, сега кога и последната пречка на човековите права, небото, е отстранета, човековите права се безгранични. Затоа што тие одамна не беа третирани како луѓе, туку само како потрошна граѓа, или, политички коректно кажано: како граѓани.

Најпосле, изјавата на премиерот беше остро демантирана од самите борци за човекови права. Тие, имено, ја прогласија изјавата дека човековите права во Апсурдистан се безгранични за груба дезинформација и лага и рекоа дека човековите права во Апсурдистан се грубо ограничени од бескрајот. Но, бидејќи не можеа да му го фатат крајот на бескрајот, го натепаа граѓанинот Шљупков, кој им беше сомнителен како колаборатор на бескрајот, бидејќи никако не врзуваше крај со крај. Тоа право, барем, во Апсурдистан им беше загарантирано.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ