петок, 27 декември 2024
Прес-конференција на СДСМ

Каевски: Лажните анкети на МТВ по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ се голем скандал

И покрај демантите и најавите за тужби против СДСМ во врска со тврдењето на партијата дека анкетите за рејтингот на партиите објавени на МТВ се лажни скроени според оперативен план на ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ одржаа прес-конференција со која останаа на своето тврдење. „Објавуваме голем скандал. Скандал, кој потврдува дека лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот ВМРО-ДПМНЕ“, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за реализација на цела една шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ, по насока на Извршниот комитет на партијата. Цела една шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести“, рече Каевски.

Потоа тој се повика на документи за кои рече дека се доставени до СДСМ.

„За различни сегменти задолжени се различни личности. За лажните анкети и лажните вести, освен одговорните од Центарот за комуникации во ДПМНЕ, задолжен е и Владимир Божиновски. Меѓу задолжените е и Зоран Ставрески, но и директорот на МТВ, Марјан Цветковски.

Оперативниот план го содржи она што и реално се случуваше и се уште се случува. Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа тројца опозициски и еден од власта.

ДПМНЕ е одговорен и за ширење лажни вести и креираат вести преку ‘дувла’ кои ги објавуваат опозициски портали. За градоначалниците од ДПМНЕ предвидена е ‘обврска’ кон Владимир Божиновски“, наведе Каевски.

Тој потоа оцени дека станува збор за голем скандал кој како што нагласи покажува:

„1. Дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните.

2. Дека се уплашени

3. Потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ“.

Каевски додаде дека сето тоа говори за ВМРО-ДПМНЕ и дека за скандалот мора да има одговорност.

„Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти, се истите методи на Никола Груевски кои сега ги спроведува Христијан Мицкоски“, заклучи портпаролот на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ