понеделник, 21 октомври 2024

Каде е печатот? Таравари и Даути се препукуваат чија е Алијанса за Албанците

Прашањето кому му припаѓаат печатите на Алијанса за Албанците, oдносно самата партија, на крилото на Арбен Таравари или на крилото на Зијадин Села беше повод за кратко фејсбук-препукување меѓу министерот за здравство Таравари, кој со своите приврзаници е дел од коалицијата Вреди која е во власта и пратеничката Илире Дауити, која со приврзаниците на Села е во рамки на опозициската коалиција Европски фронт.

Објавено на

часот

Сподели

„Ако некој мисли дека партијата е приватна или наследна сопственост, греши“, напиша Таравари.

Илире Даути одговори на неговата објава:

„Ако некој мисли дека партијата служи за создавање приватен имот (куќи, вили и слично) и за негово преобразување од партија на Албанците во партија на Мицкоски, греши двојно“!

Расколот во Алијанса за Албанците настана на почетокот одо годината откако Арбен Таравари, како претседател, преку Фејсбук испрати порака дека партијата на изборите ќе настапи со опозицискиот Европски сојуз за промени, кој тогаш го сочинуваа Движењето Беса, Алтернатива и Демократско движење.

Реагираше тогаш Зијадин Села, претстедател на Централното собрание на Алијанса за Албанците, потсетувајќи дека постои одлука на тоа собрание за самостоен настап на изборите и порачувајќи дека одлуките не се менуваат преку Фејсбук туку евентуално со нова одлука на партијата.

Расколот се продлабочи со повикот на Таравари преку Фејсбук за одржување седница на Централното собрание, а Села исто така закажа седница. Потоа и двете крила тврдеа дека одржале седница со потребен кворум и со легитимни одлуки, односно за настап со опозицијата крилото на Таравари, и за самостоен изборен настап крилото на Села. Беа одржани и два конгреса, на едниот Села ја доби поддршката за лидер, на другиот Таравари.

Крилото на Зијадин Села реши на изборите да настапи со ДУИ во рамки на Европскиот фрон, со објаснување од Села дека мора да се коалицира зашто без партиските печати, (кои во својата фиока ги имал Таравари) не може пред Државната изборна комисија да пријави учество на парламентарните избори.

Со пристапувањето на крилото на Арбен Таравари кон Европскиот сојуз за промени, таа коалиција го промени името во Вреди, а неа ѝ се приклучија и членови на косовското Самоопределување, државјани на Македонија. Самиот Таравари пак, беше и кандидат за претседател на Македонија.

Во април имаше судска разрешница за печатите. Тие му припаднаа на Зијадин Села, кој е повторно претседател на Алијанса за Албанците, на која функција беше и пред мандатот на Таравари, кому му ја довери партијата по оставката што ја имаше поднесено откако Алијанса за Албанците доживеа дебакл на локалните избори во Тетово, кога не доби ниту еден советник во Советот на Општината.

Во меѓувреме, крилото на Таравари поднесе жалба на одлуката на судот. Предметот е пред Алекацискиот суд во Гостивар. Правниот застапник на партискиот дел под раководство на Таравари, адвокатот Абедин Абдуљи денеска на новинарско прашање изјави дека досега немаат добиено никаков писмен одговор од Апелацискиот суд.

„Ние немаме инсталирани луѓе во судскиот систем во Македонија и немам добиено ништо писмено во мојата адвокатска канцеларија. Уште нема одлука од страна на Апелациониот суд во Гостивар“, изјави Абдуљи.

Пратеничката Илире Даути беше на листата на Европскиот фронт и таа стана пратеничка. Во Собранието на Македонија е заведена како член на Алијанса за Албанците, коалиција Европски фронт.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ