сабота, 19 октомври 2024

Качињски: Борците на Вагнер групата се во Белорусија за да ја провоцираат Полска

Објавено на

часот

Сподели

„Сите разузнавачки служби потврдуваат дека се таму. Очигледно не се во Белорусија за да се забавуваат. Тие се таму за да предизвикуваат разни видови кризи насочени пред сè против Полска. Правиме сè за да го поставиме нашиот систем за одбрана за тие провокации да не успеат“, кажа Качињски за државното полско радио.

Качињски, лидерот на партијата Право и правда и потпретседател на владата, наведе дека сè уште не се знае дали тоа ќе биде само продолжение на хибридната војна или ќе добие некаков поостар облик.

Заменикот на полскиот координатор на разузнавачките служби Станислав Жарин кажа дека не верува дека борците на Вагнер би ја нападнале полската граница со тенкови или борбени возила.

„Тешка воена опрема може да им даде Белорусија. Тие можат да бараат начини да нè дестабилизираат, но не очекуваме дека ќе тргнат на нашата граница со тенкови“, кажа Жарин за полската приватна телевизија Полсат.

Тој врз основа на проценките на разузнавачките служби повеќе очекува руските платеници да се обидат да се уфрлат во групите мигранти за заедно со нив нелегално да влезат во Полска.

Качињски вчера ја посети полско-белоруската граница и најави дека оградата, која е крената на неа за спречување на влез на мигранти, ќе биде уште подобро опремена со разни електронски уреди.

Тој кажа и дека очекува полската копнена армија, која префрла единици од западните области на исток, наскоро да биде најсилна во Европа.

Качињски денес повтори дека Варшава ќе ѝ помага на Украина да се одбрани од агресијата на Русија, но дека Киев мора да сфати дека Полска мора да ги брани и своите интереси, како интересите на полските земјоделци кои го одбиваат увозот на украинските житарки и земјоделски производи.

„Нашите украински пријатели мора да водат сметка за интересите на Полска. Дури и кога ќе заврши војната, со договор кој сакаме да го потпишеме со Киев заштитата на полските земјоделци мора да биде гарантирана“, наведе Качињски.

Полската влада најави дека по 15 септември, кога истекува забраната за извоз на украинските житарки во Полска и уште четири земји од Европската Унија, едноставно ќе го забрани увозот и ќе овозможи само транзит на украинското жито понатаму во Европа и светот, што во Украина е оценето како „забивање нож во грб“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ