среда, 23 октомври 2024

Кабастото на 100 метри од кабастото

Кабаст отпад, или по нашки кажано, покрупни ѓубриња предмети што стоеле дома, во подрумот, гаражата или во дворот, ако го имаш, во ноќта се најдоа во тревата крај овој паркинг простор во Ново Лисиче, веднаш зад контејнерите за регуларно ѓубре.

Објавено на

часот

Сподели

Изложени се душеци, штици, наткасни, масички, мијалници, неколку браници од автомобили, разни покрупни и поситни поредмети. И поситните предмети не се фрлени во контејнерите кои и така и така хронично се полни, а и не од сега се искршени, којзнае што мака виделе.

А и да беа празни контејнерите, не фрла народ во нив помали предмети, демек си мислат дека добро дело прават, можеби некому нешто ќе му затреба и ќе го земе за дома. Ама, ретко кој денеска нешто зема вакво, освен ако не е железо, па да го продаде на кило. И ете, врз гранките донесени деновиве тука, а собирани по неколкуте невремиња, кои којзнае дали некогаш ќе бидат тргнати, тука има изложба на неупотребливото.

И сега, да, до културата е, да, до негрижата, и да, може да се расправа до бескрај зошто постојано се фрла и се нагрдува… Или пак, имаме голем број на луѓе што боледуваат од компулсивност?

Но, небитно!

Имаме нов момент! До пред два дена на 100 метри од тука, стоеше голем камионски контејнер за кабаст отпад што го оставија комуналните служби. На нивната интернет страница пишуваше точна адреса каде е поставен, информацијата ја објавија и порталите, за да можат граѓаните од овој дел на градот да го одложат својот непотребен кабаст отпад, легално, без да бидат казнети. Стоеше два дена контејнерот.

Ама, кој да чита, кој да праша… Или, многу е 100 метри? Кој да влечка дури до таму! А и кој да казнува…

Ех, вечно Скопје.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ