четврток, 12 декември 2024

Јужнокорејскиот претседател: Парламентот стана чудовиште. Ќе се борам до крај

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол, на кој му се заканува смена откако се обиде да воведе вонредна состојба пред една недела, рече дека „ќе се бори до последен момент“, обвинувајќи ја опозицијата дека предизвика национална криза.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Парламентот стана чудовиште што го уништува уставниот поредок на либералната демократија“, рече Јун во телевизискиот говор.

„Ќе се борам со народот до последен момент“, додаде тој, потврдувајќи дека „нема да бега од правната и политичка одговорност во врска со прогласувањето на вонредна состојба“. Јун Сук Јол ја запрепасти земјата со ненадејното воведување вонредна состојба ноќта меѓу 3 и 4 декември, пред да биде принуден да ја укине шест часа подоцна под притисок на парламентот и улицата.

По одлуката на претседателот, луѓето почнаа да се собираат пред парламентот, каде што избија судири. Во зградата на парламентот влезе и војската. Пратениците го пробија полицискиот кордон, некои прескокнувајќи ја оградата, за да влезат во парламентот и да побараат од Јун да ја укине вонредната состојба неколку часа откако беше прогласена.

Ситуацијата се смири по блокадата на прогласувањето вонредна состојба. Јун сега е под кривична истрага за наводен бунт поради неуспешното прогласување вонредна состојба, што ја предизвика најголемата политичка криза во Јужна Кореја во последните децении.

Тој за малку избегна да биде разрешен од страна на Националното собрание во саботата, спасен од својата партија. Но, сега се соочува со второ гласање за импичмент во парламентот што се очекува во сабота. Неговите коментари доаѓаат откако лидерот на сопствената партија на Јун рече дека претседателот не покажал знаци дека ќе поднесе оставка и дека мора да биде отповикан.

Партијата на моќта на народот на Јун (ППП) доживеа пораз на изборите во април, овозможувајќи ѝ на Демократската партија контрола над парламентот. И покрај ова, на опозицијата ѝ се потребни осум гласови од ППП за да го отповика претседателот.

„Повторно им се извинувам на луѓето кои сигурно беа изненадени и загрижени поради вонредната состојба. Ве молам верувајте во мојата топла лојалност кон народот“, нагласи Јун Сук Јол.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ