Речиси две третини од лекарите-приправници ги напуштија своите работни места во знак на протест против владиниот план за зголемување на квотите за упис на медицинските факултети, со кој сака да го реши проблемот со недостиг на лекари, особено во едно од најбрзо старечките општества во светот.
Поради протестите, болниците биле принудени да одбиваат пациенти и да откажуваат операции.
„Со оглед на сериозноста на ситуацијата, владата ја упатува последната молба“, рече министерот за безбедност Ли Санг-мин на отворањето на состанокот на работната група, додавајќи дека итните служби западнале во „опасна ситуација“.
„Доколку се вратите на работа до 29 февруари, нема да одговарате за направената штета. Запомнете, вашиот глас ќе се слушне најгласно и најефективно кога сте рамо до рамо со пациентите“, рече министерот.
Владата претходно ги предупреди лекарите дека ќе преземе правни мерки против оние кои ја игнорираат нејзината молба и одбиваат да се вратат на работните места во болниците, вклучувајќи апсења, судски обвиненија или одземање на лиценците.
Младите демонстранти бараат владата прво да се справи со висината на платите и условите за работа, а потоа да го зголеми бројот на идните лекари.
Заменик-министерот за здравство Парк Мин-су се закани со одземање на лиценцата на најмалку три месеци за секој што нема да се врати на работа до 1 март.
Другите лекари, како и оние вработени во приватните клиники, не се приклучија на протестот, туку одржаа собири во кои ја повикаа владата да се откаже од планираното зголемување на квотите на медицинските факултети.
Сепак, многу граѓани на земјата го поддржуваат планот на владата, кој го предводи претседателот на земјата, Јун Сук Јеол. Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека три четвртини од граѓаните го поддржуваат. За да се подобри достапноста и квалитетот на здравствените услуги, владата на Јужна Кореја најави дека ќе го зголемува бројот на студенти по медицина за 2.000 секоја година и ќе ја прошири правната заштита од тужби и гонење поради небрежност.
Дополнително, се планираат стимулации и за лекарите кои избираат педијатрија и општа хирургија и за лекарите кои ќе работат во оние делови од државата со изразен недостиг од здравствени работници.
Од друга страна, дел од лекарите сметаат дека зад презентираниот план се крие лов на гласови во пресрет на изборите во април. Професорите по медицина на Националниот универзитет во Сеул ја повикаа владата да ги одложи дискусиите за ова прашање за по изборите.