сабота, 27 јули 2024

Јужна Кореја забрани продажба на кучешко месо

Јужна Кореја донесе нов закон со кој до 2027 година треба да се укине индустријата за колење кучиња и продажба на нивното месо. Консумирањето кучешко месо е практика стара со векови на Корејскиот полуостров, но како што минуваат годините, се повеќе жители и активисти се залагаат за забрана.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Според новиот закон, ќе биде забрането одгледување или колење кучиња за консумирање, како и дистрибуција или продажба на кучешко месо. Оние кои го прекршуваат законот може да завршат во затвор. Имено, законот предвидува оние кои колат кучиња да добијат казна затвор до три години, а оние кои одгледуваат кучиња за месо или продаваат кучешко месо да одлежат најмногу две години.

Сепак, самото консумирање кучешко месо нема да биде нелегално. Новиот закон ќе стапи на сила за три години, за да им се даде време на земјоделците и на сопствениците на ресторани да најдат алтернативно вработување и приходи, пишува Би-би-си.

Владата вети дека ќе ги поддржи одгледувачите на кучешко месо, месарниците и сопствениците на ресторани кои нудат кучешко месо, а кои ќе ги затворат своите бизниси поради новиот закон. Засега не се разработени детали за висината и начините на компензација.

Според официјални владини податоци, Јужна Кореја имала околу 1.600 ресторани за кучешко месо и 1.150 фарми за кучиња во 2023 година. Чорбата од кучешко месо, наречена „бошинтанг“, се смета за деликатес меѓу постарите локални жители. Сепак, консумирањето на кучешко месо не е популарно кај младите.

Според анкета на Галуп, минатата година само 8% од луѓето изјавиле дека пробале кучешко месо во изминатите 12 месеци, што е намалување од 27% во 2015 година. Помалку од една петтина од анкетираните изјавиле дека го поддржуваат консумирањето на месото.

Производителите на кучешко месо водат кампања против забраната. Тие сметаат дека, со оглед на падот на нејзината популарност меѓу младите, треба да се дозволи оваа практика природно да изумре со текот на времето. Многу земјоделци и угостители се постари лица и тврдат дека сега, толку доцна во животот, ќе им биде многу тешко да го променат начинот на водење бизнис.

„Индустријата секако ќе исчезне за 10 години. Ние сме во 60-тите и 70-тите, а сега немаме друг избор освен да ги изгубиме средствата за живот“, рече одгледувачот на кучиња Џо Јеонг-бонг, додавајќи дека законот „е кршење на слободата на луѓето да јадат што сакаат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ