сабота, 19 октомври 2024

Југославија остана без Македонци (ФОТО)

Објавено на

часот

Сподели

Ниту трага ниту глас од македонските навивачи во фан-зоната во Белград, која е сместена во хотелот Југославија, во новиот дел од градот. Сосема спротивна слика од Ниш, каде што фан-зоната постојано вриеше од луѓе во текот на петте дена престој во тој српски град. Сега, во престолнината на нашиот северен сосед нема навивачи, интерес никаков, а дека таму е фан-зоната може да се забележи само по огромното македонско знаме што е пред влезот на хотелот. Има уште едно големо знаме, внатре, на првиот кат, но стои осамено и само ги мами погледите на белграѓаните што шетаат покрај кејот на Дунав, каде што е и сместен хотелот. Нашите навивачи веројатно ќе пристигнат непосредно пред дуелот со Полска (16.15 часот), па финансиската исплатливост ќе биде трагична во споредба со нишкиот бизнис.

Освен македонското знаме, нема други знаци на живот дека тука е фан-зоната

Пред дуелот со Данска во саботата имаше огромна еуфорија. Ако ги победевме скандинавците, сигурно во Белград на наредните средби ќе имаше минимум 15.000 македонски навивачи. Но по трагедијата во саботата, навивачкиот дух и оптимизмот ги снема, на Фејсбук и на интернет-форумите веднаш почнаа да се нудат влезници за наредните натпревари, и тоа под реалната цена.

Како реакција на слабиот интерес и одѕив за наредниот дуел, Владата реши да ги стимулира навивачите со организирање бесплатен превоз и влез во „Белградска арена“. Но и овој потег може да не биде доволен, зашто 1.000 навивачи во толкава сала е рамно на 150 луѓе во салата „Борис Трајковски“. Тоа што се случи во саботата не се опишува со зборови, српските медиуми ја прекрстија салата во „Македонска арена“, гостувањето се споредуваше со тие од фудбалската Лига на шампионите.

Да се надеваме дека повторно ќе биде така в среда, во последното коло против Србија. Но, за повторување на еуфоријата, треба победа против Полска. Потоа ќе биде лесно со домаќинот, ние сме мајстори да им го „збоктисаме“ меракот. Литванците најдобро знаат зошто…

Од Белград, Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ