сабота, 27 јули 2024

Јончевски: Ништо не е загубено, можеме да ја надополниме негативата

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Јончевски верува дека на крајот од квалификациите можеме да имаме подобар меѓусебен дуел со Естонците и покрај тоа што го загубивме мечот во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Македонија денеска беше поразена од Естонија со 74-69, во меч кој може да е клучен за пласман на Европско првенство. Селекторот верува дека можеме да ја победиме Естонија со повеќе разлика отколку што денеска загубивме.

„Одигравме добро прво полувреме, ја контролиравме играта, но во третата четвртина противникот го презеде водството со цврста одбрана, а особено со подобриот скок во нападот. Сепак, им реков на моите кошаркари дека играа со голема енергија, дека одговорија одлично на ваков тежок натпревар и дека не е како на претходниот натпревар против Естонија на нејзин терен“, вели селекторот Јончевски.

„Разликата од пет поени ни дава надеж дека може да ја надополниме во реваншот на гостински терен. Жалам што оваа публика не доживеа позитивен крај на натпреварот. Ме радува тоа што имаше голем број гледачи, уште многу барања за билети и среќен сум поради тоа што имаше многу деца. Верувам дека оваа екипа, веќе подмладена може да одговори на следните предизвици“.

„Ако се сеќавате и претходниот циклус го отворивме со пораз од Естонија, па потоа одлучуваа поени поради нашата победа во балонот во Русија. Догодина ќе бидеме посилни и за Андреј Јакимовски кој игра во одлична форма и ќе биде големо засилување за нас. Не се откажуваме ни од победа на останатите натпревари, конкретно против Полска чија игра ќе ја анализираме во текот на утрешниот ден“.

„Можеби немаме голем фонд кошаркари, но овие што се тука секогаш го даваат максимумот. Покажавме дека можеме во претквалификациите, следен чекор е пласман на Европско првенство“.

Селекторот е полн со пофалби за новото засилување во репрезентацијата, Итан Хап кој имаше одличен меч.

„Играта на Итан Хап не е изненадување за мене, можеби македонската јавност не го познава, но јас знаев дека е одличен играч и без особени барања, се согласи да игра за Македонија. Мислам дека имаме двајца одлични натурализирани играчи и одлично се вклопуваат во тимот“.

Следен предизвик за Македонија е дуелот со Полска кој го играме во понеделник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ