Првото рочиште за овој случај беше одржано на 24 јануари 2018 година. Судењето за овој предмет го водеше судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението јавниот обвинител Бурим Рустеми.
Според обвинителниот акт поднесен од поранешното СЈО, во временскиот период од 1 април 2011 година до крајот на 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски, во својство на премиер на Владата и обвинетиот Миле Јанакиевски – министер за транспорт и врски, заеднички со цел да му се одмаздат на оштетениот Фиат Цаноски за неговата политичка одлука кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичката партија СДСМ.
Искористувајќи ја нивната реална моќ, Груевски и Јанакиевски со умисла го поттикнале обвинетиот Тони Трајковски, тогашен градоначалник на општина Гази Баба, да стори кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” и да ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект Космос што бил граден од оштетениот-инвеститорот оштетениот Фиат Цаноски.