сабота, 27 јули 2024

Јапонскиот Врховен суд донесе одлука за задолжителната стерилизација при промена на полот

Јапонскиот Врховен суд денеска пресуди дека законската клаузула која бара стерилизација на оние кои законски сакаат да го променат својот пол е неуставна. Неколку меѓународни организации, вклучувајќи го Европскиот суд за човекови права, Светската асоцијација на професионалци за трансродово здравство и Обединетите нации, предупредија дека клаузулата е дискриминаторска и ги крши човековите права.

Објавено на

часот

Сподели

Но, некои застапници и групи за правата на жените во социјално-конзервативна Јапонија тврдеа дека пресудата со која се оспорува законот ќе предизвика конфузија и ќе ги поткопа правата на жените. Јапонскиот Врховен суд отфрли сличен случај во 2019 година. Хјуман рајтс воч ја поздрави пресудата и ѝ порача на владата дека мора да ја почитува.

„Владата е должна да ги направи сите закони уставни, затоа сега треба брзо да дејствува за да ја отстрани таа клаузула. Доцна е, но никогаш не е предоцна“, рече Канае Дои, директорка на организацијата за Јапонија. Случајот пред 15-те судии дојде по тужба на лице идентификувано само како трансродова жена помлада од 50 години.

Постојниот јапонски закон вели дека на луѓето кои сакаат да го променат полот мора да им биде дијагностицирана родова дисфорија и да исполнуваат пет услови. Тие услови се лицето да има најмалку 18 години, да не е во брак, да нема малолетни деца, да има полови органи кои наликуваат на оние од спротивниот пол, да нема репродуктивни жлезди или тие трајно да ја изгубиле функцијата.

Според извештаите на локалните медиуми, адвокатите на тужителката рекле дека условите го прекршуваат уставното право на нивната клиентка да бара среќа и да живее без дискриминација и дека за трансродовите лица тие претставуваат значителна физичка болка и финансиски товар.

Иако многу земји ги укинаа законите кои бараат задолжителна стерилизација за законско менување на полот, правата на трансродовите лица остануваат контроверзна тема во Јапонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ