Во првиот говор на јапонски премиер во последните девет години пред американскиот Конгрес, Фумио Кишида ги повика Американците да не се сомневаат во својата „незаменлива улога“ во глобалните прашања и кажа дека Токио спроведува историска милитаризација.
Со недели е блокирано барањето на американскиот претседател Џо Бајден за 60 милијарди помош за Киев, бидејќи републиканскиот претседател на Претставничкиот дом Мајк Џонсон одбива да дозволи гласање за прашањето кое е причина за поделби пред претседателските избори на 5 ноември.
„Сакам да им се обратам на оние Американци кои чувствуваат осаменост и замор дека се земјата која мора да го одржува меѓународниот ред“, кажа Кишида.
„Американското лидерство е незаменливо. Без американската поддршка, колку уште остана додека надежите на Украина се урнат под руските напади: Без американското присуство, колку остана до соочувањето на Индо-Пацификот со уште потешка реалност?“
Обраќањето на заедничките седници на американскиот Сенат и Претставничкиот дом начелно е резервирано за најблиските американски сојузници или големи светски личности, а обично се случува најмногу двапати годишно. Последното обраќање беше тоа на израелскиот претседател Исак Херцог во 2023.
Кишида е вториот јапонски премиер кој има привилегија да се обрати на заедничката седница по Шинзо Абе во 2015 година.
Кишида кажа дека светот е на „историска пресвртница“, дека постои „закана за слободата и демократијата“, дека земјите во развој имаат повеќе економска моќ, а дека климатските промени и брзиот напредок на вештачката интелигенција ги попречуваат животите на луѓето.