сабота, 27 јули 2024

Јапонија: Скокна бројот на мртвите, се стравува дека многу луѓе се под урнатините (ВИДЕО)

Повеќе од 140 последователни потреси се забележани од првиот земјотрес во понеделникот, според Јапонската метеоролошка агенција, која предупреди дека во наредните денови може да има посилни потреси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во силниот земјотрес што ја погоди Јапонија на Нова година загинаа најмалку 55 луѓе, а спасувачките тимови денеска се обидуваа да стигнат до крајбрежните области, каде што се стравува дека многу жители се заробени под илјадниците уништени домови.

Во Сузу, град со нешто повеќе од 5.000 домаќинства во близина на епицентарот на земјотресот, според градоначалникот Масухиро Изумија, можеби се уништени 90 отсто од домовите.

„Ситуацијата е катастрофална“, рече тој.

Земјотрес со прелиминарна јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди Јапонија во понеделникот попладне, поради што жителите во некои крајбрежни области побегнаа на повисоките места бидејќи цунами го погоди западниот брег на Јапонија, однесувајќи некои од автомобилите и куќите во морето.

Спасувачки тим од 3.000 припадници на воениот персонал, пожарникари и полицајци од целата земја, е испратен на местото на земјотресот на полуостровот Ното во префектурата Ишикава, јавува Ројтерс.

„Потрагата и спасувањето на погодените од земјотресот е битка со времето“, рече премиерот Фумио Кишида за време на вонредниот состанок.

Кишида рече дека на спасувачите им е многу тешко да стигнат до северниот врв на полуостровот Ното, каде што истражувањата со хеликоптери откриле многу пожари и голема штета на зградите и инфраструктурата.

„Има околу 120 случаи на луѓе што чекаат спас“, изјави подоцна портпаролот на јапонската влада.

Многу железнички линии и летови во областа се запрени.

Аеродромот Ното беше затворен поради оштетување на пистата, терминалот и пристапните патишта, а 500 луѓе останаа блокирани во возила на неговиот паркинг, јави јавната телевизија НХК.

Низ целата префектура Ишикава, локалните власти досега потврдија 30 смртни случаи, половина од нив во Ваџима, уште еден тешко погоден град во оддалечениот северен дел на полуостровот.

Јапонската влада во понеделникот вечерта нареди околу 100.000 луѓе да се евакуираат од своите домови, испраќајќи ги во спортски сали и училишни гимназии, кои вообичаено се користат како центри за итна евакуација.

Многумина се вратија во своите домови во вторникот, откако властите го укинаа предупредувањето за цунами. Но денеска околу 33.000 домаќинства беа без струја во префектурата Ишикава по ноќта во која температурите паднаа под нулата. Речиси 20.000 домови немаат вода.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ