сабота, 27 јули 2024

Јапонија лансираше ракета со сателит, ќе ја снима Северна Кореја

Јапонија денеска успешно лансираше ракета со сателит за собирање разузнавачки информации во мисија за следење на движењето на воените локации во Северна Кореја, јавува Асошиетед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сателитот, чие финансирање и користење е одобрено од владата, ќе служи и за спречување и одбрана од природни катастрофи.

Ракетата Х2А полета од вселенскиот центар Танегашима во југозападна Јапонија, носејќи оптички сателит како дел од извидувачките напори на Токио за зајакнување на своите воени способности.

Владиниот сателитски разузнавачки центар соопшти дека лансирањето било успешно и дека сателитот Оптикал-8 бил успешно одвоен од ракетата и влегол во планираната орбита. Пред ова лансирање Јапонија имаше неколку неуспешни обиди, последниот пред две години, но веќе се работи на нова ракета која би требало да биде уште поефикасна од лансираната денес.

Оптичкиот сателит може да прави детални фотографии, иако неговата способност е ограничена при тешки временски услови. Јапонија започна сателитска програма за собирање разузнавачки информации откако севернокорејска ракета прелета над Јапонија во 1998 година. Јапонците имаат намера да распоредат мрежа од 10 сателити, вклучително и оние кои носат радари кои можат да работат ноќе или при тешки временски услови и за забележување и рано предупредување за можно лансирање ракети.

Поздравувајќи го успешното лансирање, Хироки Јасуда, висок функционер во Центарот за сателитско разузнавање, им рече на новинарите дека Оптикал-8 е клучен за способноста на Јапонија за собирање информации.

„Со оглед на тоа што безбедносното опкружување околу Јапонија станува сè посериозно и несигурно со зголемените ризици од природни катастрофи, разузнавачките сателити се клучни за одбраната и безбедноста, како и за потребите за одговор при природни катастрофи“, рече Јасуда. „Мораме постојано да ги зајакнуваме нашите разузнавачки способности“.

Јасуда заклучи дека ќе бидат потребни неколку месеци додека сателитот да почне да дава информации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ