Според судијата Илија Трпков, одговорноста за овој предмет ќе ја задоволи барем малку, како што кажа, правдата за прислушувањето во Македонија.
Трпков за Јанкулоска кажа дека не учествувала во уништувањето на опремата заедно со останатите обвинети.
„Обвинетата Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува“, образложи Трпков.
Според судијата, немало потреба од ништење на системот за следење на комуникациите, но тоа било направено со комисија која ја формирале обвинетите.
„Повредени беа човековите права на огромен број граѓани, бизнисмени и политичари. Се упадна во приватноста. Со прислушувањето се контролираа процеси и се контролираа бутновните граѓани. Со упадиот во системот, се овозможи кривичното дело за прислушувањето да застари. Со прислушуваните разговори целата држава се држеше под заложништво. Јас добив впечаток дека обвинетите многу знаат за тоа што се случувало со прислушувањето, како да не сакаат да посочат некого, како да сакаат да скријат некого. Обвинетата Силвана која во текот на постапката почина, си однесе сѐ со нејзе. Кај дел од обвинетите има страв, но и гнев – тоа е личен впечаток“, рече судијата Трпков.
Според пресудата најголема вина има кај поранешниот началник во Управата за безбедност и разузнавање, Горан Грујевски кој е прогласен за виновен за кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. Поради ова тој доби и најголема казна од 14 години затвор.
Поранешниот разузнавач Никола Бошковски пак ги сторил кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа па заради ова му беше досудена казна од девет години и 10 месеци затвор.
И нивниот поранешен шеф, Сашо Мијалков беше обвинет за три кривични дела (злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание), но поради застарување на делото постапката против него е запрена.
Валентина Симоновска е казнета на две години казна затвор, но казната нема да се спроведе доколку во рок од пет години не направи другу кривично дело.
Повторената пресуда за „Тврдина“ следеше откако застаре гонењето за првиот дел од овој случај познат како Таргет, а се однесуваше на масовното прислушување на илијадници граѓани. Случајот Таргет-Тврдина беше предмет на критики затоа што пред да ја укине пресудата, предметот стоеше во фиока девет месеци кај апелацискиот судија Енвер Беџети, а Судскиот совет за тоа го казни со парична казна.
Во декември минатата година судија Беџети беше ставен на црната листа на САД поради „вклученост во значителна корупција“.