петок, 25 октомври 2024

Јаневски: Туризмот е најбрзорастечка гранка, Владата треба да формира посебно министерство

Во првите три квартали од 2023 година, туристичкиот промет во земјава покажува раст од 25 проценти со тоа што придонесува со 471,5 милиони долари прилив во бруто домашниот производ (БДП) , но, како што кажа директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АТТП), Љупчо Јаневски денеска на прес-конференција, предлог буџетот на Владата за 2024 година е сепак несоодветен и многу помал од побараното за потребата на промоцијата на туризмот. 

Објавено на

часот

Сподели

Јаневски ја потенцира потребата од формирање на министерство за туризам и спорт со оглед на растот на приливот со кој што овој сектор придонесува во буџетот на државата и неговиот потенцијал за уште поголем раст.

„Баравме 218 милиони денари, добивме 100 милиони за 2024 година, кога ќе ги извадиме сите ставки за трошоци, остануваат 8,3 милиони денари за промоција на туризмот“, појасни Јаневски, кој информираше дека за 2023 година имале 20 милиони денари за работа, кои исто така биле малку, што со сегашното намалување на 8,3 милиони е многу помалку.

Поради ова намалување, тој рече дека покрај тоа што ќе учествуваат на многу значајни туристички саемски манифестации кои ќе се одржат во Мадрид и во Берлин, сепак, после 10 години, нема да можат да учествуваат на саемите во Истанбул и во Белград и покрај тоа што тие се најдобрите туристички пазари од каде што доаѓаат најголем број посетители во земјава.

„Се поставува прашањето на туристичката дипломатија каде се рамките на отворениот Балкан и каде сме ние како држава. Ние немаме инвестиции и немаме структура затоа што немаме министерство коешто ќе се грижи за една од најпрофитабилните, најбрзорастечките економски гранки, а веќе е област во светски рамки којашто влијае на повеќе од 20 економски гранки“, подвлече Јаневски.

Според податоците на Светската туристичка организација, како што информираше, генерално во туристичкиот сектор во земјава се вработени околу 35 илјади луѓе што според него изнесува 5 проценти од сите вработени.

„Ако во 2011 година сме имале 0,4 проценти БДП од туризмот, 2018 година блиску 2 проценти, 2023 година ќе ја завршиме со четири проценти. Која економска гранка и која економија според вложени средства и според вратени средства бележи толкав раст“, праша директорот на АТТП.

Токму поради овие причини, Јаневски рече дека Владата треба многу поголем приоритет да му даде на туризмот и да го постави на многу повисоко ниво. Според него, туризмот во наредните пет до десет години ќе биде еден од столбовите на македонската економија.

Во однос на бројот на туристите и дестинациите од кадешто доаѓаат, Јаневски рече дека најголем раст се забележува кај Турција и кај Србија, од каде што доаѓаат најголем број туристи. 176.059 туристи од Турција и 63.291 туристи од Србија ја посетиле земјава во првите 10 месеци од оваа година.

Забележителен раст има и кај туристи од кои доаѓаат од Германија, Грција, Хрватска и Романија, додека најпосетени градови се Скопје, со раст на туристи од 5 проценти и Охрид со раст од 7 проценти во споредба со 2019 година. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ