Во објава на фејсбук, Јаневска појаснува дека законот е повлечен од дневен ред за да не дозволи ДУИ да го закочи усвојувањето на целата нова правна регулатива во образованието, на која со бројни општествени чинители е работено во изминатите неколку месеци.
„Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго…Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези несвесно, тие го уназадуваат и воспитно – образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно“, пишува Јаневска во објавата.
Нагласува дека како министерка ќе продолжи да се залага за јакнење на меѓуетничките односи особено меѓу младите и дека за следната година се предвидуваат повеќе средства за училишни активности кои ќе ги зближуваат младите од различните етнички генерации.
„На пратениците од ДУИ сакам да им порачам дека Владата ќе продолжи да ги спроведува промените кои народот ги побара, тоа е сигурно. Но, им порачувам и конечно да почнат си ја почитуваат државата, да покажат волја за соживот, за соработка, разбирање и единство. По не знам кој пат ќе повторам, живееме во една заедничка држава, сите треба да ја чувствуваме како своја и заедно да се грижиме за нејзиниот развој“, вели министерката Јаневска.
Владата го повлече од собраниска процедура Предлог законот за средното образование за што денеска информираше претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Иванка Василевска.
„Владата со допис од 20 декември го повлекува предлог-законот за средно образование, во второ читање“, информираше Василевска пред усвојувањето на дневниот ред на комисиското заседание.
Пратениците од Еврпопскиот фронт изразија задоволство од повлекувањето на Законот, посочувајќи дека не се согласувале со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидуваше интонирање на државната химна.
Претходно, ДУИ побара повлекување на законското решение, кое, според нив, претставува неприфатлив акт и нанесува далекусежни последици наметнувајќи етничка супремација и ексклузивитет.
„Повлечете го законот, бидејќи едно е сигурно, ако вие не го повлечете овој закон, ние ќе го сопреме!“, наведе ДУИ во соопштението.