Тоа што не дава резултати, мора да биде променето. Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени, затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти, истакнала министерката на средбата на која се дискутирало за актуелните состојби во образованието и заложбите за нивно подобрување, во интерес на создавање поквалитетни ученички генерации.
На средбата, како што соопштија од министерството, се дискутирало и за состојбата со учебниците, особено во основното образование каде недостигаат поголем дел од предметите. Јаневска истакнала дека се прават напори истите да се обезбедат за сите одделенија пред почетокот на новата учебна година, додека за средното образование тоа ќе се случува етапно во следните неколку години бидејќи ситуацијата е навистина катастрофална.
„Соговорниците зборувале и за употребата и прoблемите при користењето на постојниот е-дневник, како и за придобивките од новиот кој вчера беше промовиран, а ќе се примени откако сите предуслови ќе бидат исполнети, што се очекува да се случи во текот на следната учебна година“, соопштуваат од МОН за средбата.
Министерката, како што е наведено во соопштението, посочила дека во овој преоден период од дигитализацијата на образованието, преку е-анкета ќе се слушне мислењето на наставниците за тоа дали во оваа фаза е потребно целосно укинување на хартиениот дневник или пак од корист би било пополнувањето на модифицирана верзија во која ќе се внесуваат само оценки и изостаноци.