Во изјавата за медиумите по средбата со претставници на студентите и средношколците, министрката рече дека тековно ќе се распишуваат огласи за учебници односно ќе нема недостиг на учебници, потсетувајќи и дека на крајот на Годината беше донесен Законот за учебници во основното и средното образование.
„Веќе се направени новите правилници, треба само да се потпишат и објават. Направена е анализа за учебиците за кои авторските права се по стариот закон и на оние кои треба да ги добиеме по новиот закон“, рече Јаневска.
Соопшти дека на крајот на овој месец МОН ќе распише оглас и за учебници по странски јазик кои недоистигаа на почетокот на оваа учебна година и, како што рече, „за сите други учебници кои им се потребни на учениците“.
Во плановите за 2025 е и продолжувањето на континуирано и постепено воведување на едносменска и целодневна настава и оптимизација на мрежата на училиштата.
Министерката посочи и на новите модели на полагање на матурата што ќе биде олеснување на учениците од стручните училишта, кои досега за матура требало да се подготвуваат за материјал кој не го изучувале во текот на четирите години школување.
„Во средните стручни училишта ќе полгаат средно стручна државна матура, соодветно на општообразовните предмети коишто ги слушаат по наставен план и програма, и тој е помал од оние во гимназиските. Гимназиските ќе си полагаат гимназиска државна матура и на тој начин и едните и другите ќе можат, доколку сакаат, да се запишат во странство. Оние што ќе полагаат средно стручна матура ќе можат без приемен испит да се запишат на сродните нивни факултети. На пример, од електро-машинско училиште – и на Машински и на Електро. Но, ако сакат да се запишат на Медицински, на Филозофски или на друг таков факултет, тие ќе треба да полагаат државна гимназиска матура. Одлуката е нивна“, изјави Јаневска.
Посочи и дека ќе направат „силни напори“ матурата оваа година да биде „спроведена регуларно и по закон“, затоа што, рече, матурските оценки од разни причини досега „не беа сосема реални“. За таа цел, оваа година матурата ќе биде во најголем дел организирана во амфитеатрите на универзитетите, освен во помали училишта во кои матурата ќе се организира во нивните простори.
„Со младите се договоривме и да почне една кампања за значењеето на образованието и за вредносниот систем. Ќе ја направиме заеднички и ќе учествуваат оние кои се многу успешни и на своите пријатели и врсници ќе им кажат што значи да се има знаење, компетенции и вештини, што значи матурата и што значи заокружување на средното образование“, рече Јаневска за планираната кампања во која ќе се вклучи МОН и наставниците.
За предлог-законот за средно образование, кој на крајот на годината беше повлечен од Собрание поради амандмани од ДУИ и нивно противење на една од одредбите со која се предвидува интонирање на државната химна во училиштат, министерката нагласи дека за него повторно ќе се дискутира.
Јаневска денеска на новинарско прашање одговори дека повторно ќе се дискутира за да се „најде заеднички јазик“ , како што рече, „ако е неопходно, законот ќе биде вратен и без таа одредба“, нагласувајќи дека се најбитни суштинските реформи.
Таа повтори дека жали што „политички теми станаа предмет на толку бурни дискуии“ и дека таа и Владата не дозволуваат „во првите закони што се носат за образованието да се вклучи политиката“.
„Со законот не правевме меѓуетнички тензии и како одговорен министер нема да си дозволам подгревање меѓуетнички тензии. Но, за жал, партијата ДУИ тоа го искористи на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етничките проблематики во закон за образование. Нема да дозволам да се случува такво нешто, затоа законот е повлечен. Ќе продискутираме уште малку на таа тема, но доколку не најдеме заеднички јазик, битно е да поминат суштинските реформи во средното образование, и законот ќе биде вратен и без таа одредба, ако тоа биде неопходно. Но, сепак, треба да поразговараме уште малку“, изјави Јаневска.
Предлог-законот за средно образование ја помина фазата во прво читање, но на комисисика расправа за втората фаза беше повлечен од МОН, како негов предлагач, поради „внесување полиитка во образованието“.
На крајот од годината во Собранието беа донесени останатите од пакетот закони: за стручно образование и обука, за учебници во основно и средно образование, измени на Законот за основното образование, Законот за образование на возрасните и Законот за Националната рамка на квалификации.