четврток, 31 октомври 2024

Јаневска: Наставниците ќе земаат поголема плата, учениците нема да имаат пролетен распуст

Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска по увидот на спортска сала во село Булачани. Министерката информира дека нема да има пролетен распуст за учениците наредната учебна година.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарски прашања, Јаневска рече дека имала две конструктивни средби со СОНК, како и со група наставници.

„Ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои. Но, направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата“, рече Јаневска.

Јаневска минатиот месец изјави дека ќе направат максимални напори платите на наставниците постепено да растат, изразувајќи уверување дека до крајот на мандатот ќе се потпише и нов колективен договор за основно и за средно образование.

Таа денеска уште информираше дека пролетен распуст за учениците наредната учебна година нема да има. Анкетите на родителите покажале дека тие не сакаат распуст, но истото го мислат и повозрасните ученици.

„Оваа година пролетен распуст нема да има“, кажа Јаневска, додавајќи дека учебната година ќе започне на 2 септември, понеделник.

На прашањето дали во Министерството за образование и наука (МОН) се разгледува друга можност за краток одмор на учениците, Јаневска вели дека во моментов нема такво нешто.

Претходно од МОН ја објавија анкетата за тоа дали е потребно организирање на пролетен распуст.

„Со оглед на различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година, а со цел на транспарентен начин да се одлучи дали да се организира и во учебната 2024/2025, министерството испрати прашалник до училиштата, а истиот е достапен и за јавноста, со цел сите засегнати – наставници, ученици, родители/старатели да го дадат своето лично мислење“, се посочуваше во информацијата на ресорното министерство.

Претходната учебна година, основците и средните училишта од 29 април до 6 мај беа на пролетен распуст. За прв пат имаше промена и во училишниот календар, па така 2023/2024 година за основците заврши на 17 јуни, додека за средношколците, како и изминатите години, на 10 јуни.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ