сабота, 27 јули 2024
Изјава на претседателскиот кандидат

Јакимовски: Пензискиот систем мора да го чуваме како очите во главата

Bо пензискиот систем не смееме да чепкаме, пензискиот систем треба
да го чуваме како очите во главата затоа што ако кај него направиме
дупки и погрешни политики тоа значи дека за 20-тина години нема да
можеме да ги исплаќаме пензиите, изјави на прес-конференција претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Состојбата кај пензионерите ни е во катастрофална состојба, статистиката вели дека 17 проценти од пензионерите примаат пензија помала од 13 илјади денари, а дури 47 проценти од пензионерите земаат пензија помала од 16 илјади денари. Тоа значи дека скоро половина од пензионерите се под еден нужен минимум кој овозможува нормално
функционирање на еден пензионер, односно на едно пензионерско семејство. Ние во пензискиот систем не смееме да чепкаме, пензискиот систем треба да го чуваме како очите во главата затоа што ако кај него направиме дупки и погрешни политики тоа значи дека за дваесетина години нема да можеме да ги исплаќаме пензиите. Но затоа на пензионерите може да им се интервенира со мерките на социјалната политика, а тоа значи ниту еден пензионер во Република Македонија, односно ниту едно пензионерско семејство не смее да има помалку од 25 илјади денари“, рече Јакимовски.

Тој нагласи дека тоа значи дека ако едно семејство има 18 илјади денари пензија, до 25 илјади денари преку социјална политика, од социјалната заштита, ќе добиваат уште 7 илјади денари до 25 илјади денари.

„Ако во меѓувреме вториот член од семејството станува пензионер и тој сега има пензија која што е 15-20 илјади денари, тоа значи дека овие 7 илјади денари ќе бидат
дадени на некој друг, а веќе ова пензионерско семејство има 37-38 илјади денари“, објасни Јакимовски.

Со овие мерки, како што додаде, интенцијата е драстично да се подобри животот на пензионерите и да му се овозможи на секое пензионерско семејство нормално да функционира.

„Зимно време да може нормално да ја згрее собата во која живее, да обезбеди лекови за себе за својот сопруг или сопруга, но во исто време да може да ги подмири сите трошоци за живот на едно пензионерско семејство“, додаде Јакимовски.

Тој наведе дека за жал, највисоки пензии, во износ од 45 илјади до 60 илјади денари имаат само 1.560 пензионери, а дека до пред некоја година таква пензија примаа
преку три илјади пензионери.

„Тоа значи дека се повеќе бројот на пензионерите кои што имаат повисоки пензии и можат да си овозможат нормално функционирање на нивното пензионерско семејство се сѐ помалку и сѐ повеќе граѓаните преоѓаат во овој дел каде што се под  егзистенционален пензионерски минимум, што значи дека со мерките на
социјалната политика, ние секое пензионерско семејство ќе го обезбедиме
да има над 25 илјади денари приход“, истакна на крајот претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ