сабота, 21 декември 2024

Jакимовски обвинува дека кривичната пријава е политички напад пред локалните избори

Ова е класичен политички прогон, изјави на денешната конференција за медиумите Стевчо Јакимовски, градоначалникот на Општина Карпош, откако МВР вчера соопшти дека поднесе кривична пријава против него.

Објавено на

часот

Сподели

МВР вчера им поднесе кривична пријава во Јавното обвинителство за злоупотреба на службената должност дека незаконски биле легализирани тениските терени на хотелот Александар Палас, со што на сопственикот му било овозможено бесправно стекнување милионска корист.

„Фершпед го има Александар палас, а Апександар палас има спортски терени кои ги користи 30 години. Што направила Општина Карпош? Ги легализирала спортските терени кои ги користи Александар палас 30 години. Она што е интересно е што законот вели ‘се легализира сè она за што се издава одобрение за градба’. Спортските терени имаат издадено одобрение за градба во 1999 година, од Влада на ВМРО-ДПМНЕ и еве ја комплетната скица. Друго, битно е што овие објекти се сопственост на Александар палас или Фершпед, меѓутоа тие се сопственост со незапишани права во Катастарот, бидејќи тогаш овие одобренија за градби не се запишувале во Катастарот“, рече Јакомовски.

Во 2016 година е донесен Законот за легализација и тогаш била покрената постапка за легализација, додаде тој. Тогаш се платени комуналии за овие објекти и Општината повторно наплатила за легализацијата 170.000 евра комуналии.

„Она што е битно е што земјиштето не е државно, туку е дадено на користење од страна на државата, повторно, со надомест. МВР тврди дека објектите се времени, јас морам да ви кажам дека слабо ја познаваат оваа материја, објектите ако се времени овде треба да стои ‘решение за поставување на времен објект’. Второ, да ми кажат кој Цацко ги тераше да бараат одобрение за градба на тениските терени покрај Вардар и Александар палас? Еве, Општина Карпош има издадено одобрение, a ги градеше Владата на Груевски. Овие објекти не се времени, туку за нив се издава одобрение за градба.
Кога ние предметите ги предаваме во Катастар предметот го гледаат геодет и правник, каде имаат одлични правници и ако каков било предмет има проблем тие го враќаат. Град Скопје исто пресметува комуналии и ќе сигнализира доколку има проблем“, рече Јакимовски.

Тој тврди дека постапката е спроведена согласно сите законски прописи и според него, „ова е еден обичен обид политички да ме нападнат пред локалните избори“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ