сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Јакимовски: Мора да се тргне политиката од судството, здравството, образованието и културата

„Ние како Коалиција Храбро за Македонија зборуваме за теми кои се битни за граѓаните на Република Македонија. Има ли граѓанин на кој што не му е битно образованието, дали неговото дете ќе научи или само ќе има диплома? Има ли граѓанин во Македонија кој што се согласува со вакво ниско ниво на образование“, рече претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски од митингот на Коалицијата Храбро за Македонија во Ѓорче Петров. Тој нагласи дека коалицијата се залага политиката да ги тргне рацете од судството, од културата од здравството и од образованието.

Објавено на

часот

Сподели

„До кога ќе му се заканувате на правосудниот систем дека ќе правите ветинг, дека кој како ќе одговарал, наместо да кажете дека на правосудниот систем ќе му обезбедите средства такви какви што бара. Што да прави еден судија ако има 900 предмети годишно? Зошто плукаме по здравството ако не сме создале услопви како што треба“, рече Јакимовски.

Тој истакна дека деновиве главна тема се отровните стрели кои ги фрлаат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Не се за машала ни едните, ни другите. Во изминативе 24 години цело време се менувате вие на власт и сега ќе ни ѕвецкате со оружје? Само ни покажувате дека за вас е битна власта за да ги реализирате вашите партиски интереси, а никако интересите на граѓаните на Република Македонија“, нагласи лидерот на ГРОМ.

Тој додаде дека на ДУИ треба јасно да им се кажат некои работи.

„Да им кажеме: вие сте 22 години на власт, ефикасноста на администрацијата се намалува, корупцијата се зголемува, незадоволството се зголемува и најголем број од граѓаните вас ве посочуваат како директни виновници за лошото функционирање на институциите на системот. И наместо да кажете дека сте ја примиле пораката на граѓаните, и дека ќе се реформирате, вие ѕвецкате со оружје“, рече Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ ги повика граѓаните во сите изборни единици да го заокружат бројот 3 на гласачкото ливче.

Носителот на кандидатската листа во ИЕ 2, Љупчо Ристовски, претседател на Интегра, рече дека нема да дозволат „играње“ со националните интереси.

„Ние пративме пораки и опомени и на претседателските кандидати кои останаа во вториот круг дека не смеат да чепкат во националниот интерес, а тоа е промена на Уставот и понатамошно обезличување на македонскиот национален идентитет, не смеат да чепкаат во македонскиот јазик. Годишниот преглед за 2023 година којшто Османи и бугарските екстремизми во Софија го имаат подготвено и за шест месеци ќе го објават, го брише предиленденскиот период, го брише Гоце Делчев како македонски револуционер, го брише вековниот континуитет на македонската борба за национална слобода и држава и не дефинира како држава од 1945 година, како јазик од 1945 којшто е вештачки создаден од Тито или од Сталин. Да знаете дека ова ќе излезе за шест месеци“, рече Ристовски и повика да се даде глас за коалицијата Храбро за Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ