четврток, 20 јуни 2024

Јакимовски до Мицкоски: Кажи на колку години ја направи првата хидроцентрала и се стекна со милионски имот

Објавено на

часот

Сподели

Единственото прашање, рече Јакимовски, кое го посочува деновиве тој и неговите сопартијци е како внукот на Али Ахмети, на 25 години стекнал толку големо богатство што станал еден од сопствениците на трговскиот центар Соравија.

„Прашањето на Мицкоски е сосема легитимно, тоа младо момче да објасни како стекнал милионски имот, но имам и јас прашање за господинот Мицкоски. Мицкоски да каже на колку години ја направил својата прва хидроцентрала и се стекнал со милионски имот и дали ја стекнал пред или за време на неговото директорување со ЕЛЕМ“, рече Јакимовски.

Јакимовски забележува дека Мицкоски како директор на ЕЛЕМ требало да гради хидроцентрали кои ќе бидат во државна сопственост, а не во негова лична сопственост.

„За жал ние сме соочени со луѓе кои сакаат да земат власт, а кои сакаат да го лажат народот и тоа е апсолутно нечесно според мене. Јас како човек што се занимава долго со политика може да кажам и нешто што не му се допаѓа на народот, но никогаш нема да кажам лага и никогаш својот народ нема да го лажам и само сакам да им упатам порака на граѓаните на Карпош да имаат доверба во својот градоначалник“, рече Јакимовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение, му одговорија на Јакимовски, дека тоа што го зборувал му е наредено од тандемот Ковачевски.

„Ја разбираме задачата на Стевчо Јакимовски која пред се е мотивирана од концесиите кон ДУИ и кон таткото и синот Ковачевски и сега има мисија да шири невистини, измислици и лаги кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тоа што го зборува Стевчо Јакимовски е тоа што му наредил тандемот Ковачевски. Тоа е и причината зошто Јакимовски после 6 години власт на СДС и ДУИ и украдени милијарди зборува за ВМРО-ДПМНЕ, а не за она што е изворот на проблемите во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека ако е толку убеден Јакимовски во тоа што го зборува следниот пат наместо во прашална форма нека оди во потврдна форма за да може да се докаже вистината пред судовите. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ