недела, 19 мај 2024
Прес-конференција на претседателскиот кандидат

Јакимовски: Како претседател ќе ја зајакнам локалната власт и ќе се бориме со нехигиената

Како иден претседател на Република Македонија ќе предложам реформи токму во четвртата власт, во локалната самоуправа, заради нејзина поголема функционалност имајќи предвид дека таа власт е најблиску до граѓаните и е најнепосреден сервис на граѓаните во кој било дел од Република Македонија, изјави претседателскиот кандидат на коалицијата Храбро за Македонија и лдиер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Нам ни се потребни измени во локалната самоуправа и во делот на функционирање на Град Скопје. Нов закон за Град Скопје, нов закон за локална самоуправа со кој што ќе се зголемат ингеренциите во делот на комуналните инспектори. Значи, ние мораме да имаме комунални инспектори коишто ќе можат да легитимираат и да казнуваат, физички да неутрализираат затоа што вака, на ваков начин на функционирање на комунална инспекција при што легитимирањето треба да го врши полицијата, е апсолутно нефункционално“, рече Јакимовски на прес-конференција.

Тој додаде дека мора да се направат и промени во Законот за домување, зашто тој закон  е апсолутно нефункционален и мора да се интервенира во него.

„Значи, сѐ на сѐ, нам ни е потребен еден нов закон за локална самоуправа како и поделба на јавните градски претпријатија во Скопје по општините за да имаме функционални јавни градски претпријатија. На ваков начин навистина е срамота да не можеме да се справиме со нехигиената, навистина е срамота што не можеме да се справиме со одржувањето на зеленилото. И навистина е срамота и натаму да имаме поделени ингеренции со какви што граѓаните ги доведуваме во недоумица“, рече Јакимовски.

Според него, во исто време со новиот закон за локална самоуправа треба да се предвидат и начини и форми како ќе се разрешуваат конфликните ситуации во советите, опструкциите во советите.

„Сѐ на сѐ, ние мораме да направиме една функционална локална самоуправа со зголемени ингеренции и со поголема ефикасност со што на крајот ќе имаме подобри услови за граѓаните и позадоволни граѓани“, рече тој.

На крајот Јакимовски даде и еден пример за бучавата.

„Кога имаме бучава нејзиното мерење мора да биде со затворен прозорец. Еве јавно прашувам кој талент го пишуваше законот затоа што бучавата е најголем проблем летно време кога се сите прозорци отворени. Толку ли талентиран треба да бидеш за да направиш таков закон да се мери бучава со затворен прозор, а јуни, јули, август и некаде до средина на септември сите прозорци ни се отворени. Ни треба комплетна рекомпозиција на Законот за локалната самоуправа“, рече претседателскиот кандидат.

Според него, МВР мора да се ослободи од сите ингеренции кои не му се изворни.

„Дали е дозволиво двајца сообраќајни инженери да одобруваат сообраќајни планови на ниво на цела држава? Дали е тоа пропулзивно? Може секоја локална самоуправа да има свои сообраќајни инженери кои тоа ќе го одобруваат, а министерствара нека ја задржат контролната функција, како и инспекциските органи. И тоа е во интерес на подобро функционирање на локалната самоуправа. Сметам дека претседателот на државата е тој што треба да покрене една ваква сеопшта расправа која што ќе трае подолго време и ќе се нотираат сите проблеми во локалната самоуправа со цел да имаме поефикасна четврта власт во Република Македонија“, изјави Стевчо Јакимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ