петок, 25 октомври 2024

Ја тепал цела бременост, го пријавила и побарала помош од Здружението за родова еднаквост „Визија“

Во регионалниот советувалишен Центар за помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство за тиквешки регион, помош бараат најчесто жени кои живеат во насилна средина. Ова го потврдува Благица Коцева Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија“, во чии рамки работи и Центарот. Меѓу нив има и жртва која трпела насилство цела бременост се додека не собрала храброст да се обрати во здружението и да побара помош.

Фото: МИA

Објавено на

часот

Сподели

„Кај нас се имаат обратено и побарано помош најчесто жени кои подолг период од нивниот живот живеат во една насилна средина, секојдневно изложени на разни ризици од физичко насилство или психолошко насилство над нив и над нивните деца“, појасни таа.

Вкупно 64 жени побарале помош и поддршка, во периодот од месец септември 2022 година, до денеска. Тие преживеале некаква форма на семејно насилство или родово базирано насилство и добиле услуги од социјална работничка, правна помош и психосоцијална поддршка. Станува збор за регионален центар што ги опфаќа општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија и има финансиска поддршка од четирите локални самоуправи. Стручниот тим постапувал според потребите на барателките на услуги преку проценка и индивидуален план за работа, согласно индивидуалните потреби на корисничките на услугите. Како дел од активностите биле и придружбите до надлежните институции со цел надминување на чувството на осаменост и беспомошност, со инсистирање за навремено реагирање и преземање на мерки кога се проценува ризик од повисок степен.

Во еден од случаите, насилникот сторил тешко кривично дело физичко насилство со загрозување на животот на жртвата, биле преземени мерки за заштита со отстранување на жртвата од насилната средина и сместување кај нејзината мајка, поднесено барање за изрекување на привремени мерки за заштита, обезбедување на медицинска документација заради понатамашно постапување.

„Во друг случај имавме изготвување на правна документација, тужба за развод на брак на млада жена која во моментот беше во деветти месец од бременоста, а во целиот период од бременоста изложена на насилство од страна на нејзиниот сопруг. Во овој случај, исто така, по наше барање обезбедивме и финансиски средства за покривање на трошковите околу бракоразводната постапка. Изготвување и документација за остварување на права од социјална заштита“, појасни Коцева Тодорова.

Извршиле и посредување и преземање мерки за пренос на сторител на насилство до Психијатриска болница Негорци, по изречено решение од Основен суд Неготино. Имале редовни консултации со вработени инспектори во МВР заради координирање и соодветно постапување во семејство, каде има целосно нарушување на семејните односи помеѓу сите членови од фамилијата, а каде мајката е жртва не само на сопругот, туку и на синовите кои се долгогодишни зависници од алкохол и психотропни супстанции.

„Преку координација и соработка со Црвениот крст Неготино обезбедивме храна за одреден период на жена која по потекло е од Албанија и е изложена на семејно насилство и економска зависност од страна на нејзиниот сопруг, зависник од алкохол и со нарушена психичка состојба“, подвлече Коцева Тодорова.

Правни совети биле дадени на жртва на родово базирано насилство заради нерегулирани имотно правни односи со член од поширокото семејство, придружба до Полициска станица Неготино, пријавување на случајот, барање до општинска администрација за обезбедување и издавање на потребни документи.

„Вршиме редовни консултации и психолошка помош на дел од корисничките на нашите услуги кои како резултат на изложеност на долгогодишно психичко и физичко насилство, имаат потреба од дополнителна психолошка помош, а се со цел за нивно зајакнување и напуштање на насилната средина. Имаме редовни контакти со АВРМ за ангажирање на корисничките на нашите услуги, кои се невработени и финасиски зависни од сопругот или други членови од семејството, во програми и акциски планови, што опфаќаат обуки, преедукации и афирмативни мерки за поголема конкурентност на пазарот на трудот, вработување и стекнување со финансиска независност“, истакна Коцева Тодорова.

Во координација со жени претприемачки од проект на Вардарски плански регион, биле добиени сознанија за можни работни ангажирања и развивање на обуки и вештини кај жртвите на насилство,  за поголема можност за работно ангажирање и економско зајакнување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ