четврток, 19 септември 2024

Извори за нападот врз Хезболах: Мосад постави експлозив во пејџерите, сè започна со порака во 15:30 часот (ВИДЕО)

Израелската разузнавачка агенција Мосад поставила мала количина експлозив во 5.000 пејџери од тајванско производство нарачани од либанската група Хезболах неколку месеци пред вчерашните детонации, изјавија безбедносни извори за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Операцијата претставува безбедносен пропуст за Хезболах без преседан, во која илјадници пејџери беа детонирани низ Либан, при што загинаа девет лица и беа ранети речиси 3.000, вклучително и борци на групата и ирански амбасадор во Бејрут. Проиранскиот Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел, чија војска одби да ги коментира експлозиите.

Се чини дека заговорот трае со месеци, изјавија неколку извори за Ројтерс. Висок либански безбедносен извор изјави дека групата нарачала 5.000 пејџери произведени од тајванската компанија Голд Аполо. Неколку извори рекоа дека тие биле донесени во земјата претходно оваа година. Еден извор идентификуваше фотографија од модел на пејџер, АП924, кој како и другите пејџери безжично прима и прикажува текстуални пораки, но не може да остварува телефонски повици.

Борците на Хезболах користат пејџери како ниско-технолошки средства за комуникација во обид да избегнат израелско следење на локациите на мобилните телефони, изјавија за Ројтерс два извори запознаени со операциите на групата.

Но, висок либански извор рече дека израелската шпионска служба ги модифицирала уредите „на производствено ниво“. „Мосад вметнал плоча во внатрешноста на уредот на која има експлозивен материјал кој ја прима шифрата. Многу е тешко да се открие на кој било начин. Дури и со било кој уред или скенер“, рече изворот.

Изворот рече дека 3.000 пејџери се активирале кога им била испратена шифрирана порака, истовремено активирајќи експлозив. Друг безбедносен извор за Ројтерс изјавил дека во новите пејџери биле скриени до три грама експлозив.

Во 15 часот и 30 минути по локално време во Либан, корисниците на пејџер добиле порака која се чини дека доаѓа од раководството на Хезболах, објави Њујорк Тајмс. Уредите биле програмирани да дадат звучен сигнал неколку секунди пред да експлодираат.

Основачот на тајванската компанија Голд Аполо, Су Чинг-Куанг, рече дека пејџерите користени во детонациите во вторникот во Либан не се направени од компанијата, туку од компанија во Европа која има право да го користи заштитниот знак на тајванската компанија. „Производот не беше наш. Само го имаше нашето лого на него“, рече тој. Су не ја именуваше компанијата за која рече дека ги произведила пејџерите, додавајќи дека жртва на инцидентот е и Голд Аполо.

„Ние сме одговорна компанија. Ова е многу непријатно“, рече тој. Сликите од уништени пејџери, анализирани од Ројтерс, покажаа формат и етикети на задната страна кои биле во согласност со пејџерите направени од Голд Аполо со седиште во Тајпеј.

Во февруари Хезболах подготви воен план со цел да се решат недостатоците во разузнавачката инфраструктура на групата. Околу 170 борци веќе се убиени во насочени израелски напади врз Либан, вклучително и висок командант и висок функционер на Хамас во Бејрут.

Во телевизиски говор од 13 февруари, генералниот секретар на групата, Хасан Насрала, строго ги предупреди поддржувачите дека нивните телефони се поопасни од израелските шпиони, велејќи дека треба да ги скршат, закопаат или заклучат во железна кутија. Наместо тоа, групата одлучи да дистрибуира пејџери на членовите на Хезболах во различни гранки на групата – од борци до медицински лица кои работат во нејзините служби за помош.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ