Адвокатот Трајче Арсов стручно нѐ прекорува дека пред објава на текст мора да ги провериме информациите од „многу извори“ и да ја контактираме „втората засегната страна“. Како нам информацијата дека градот не е украсен да ни дошла по тајни канали од некој нивен „свиркач“ и како за ваква статија да не е доволно само да прошеташ по Скопје и да не си слеп.
Демантот и извинувањето Арсов ги бара според чл. 12 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, при што член 12 е „Заштита на изворот на информацијата“ и вели дека од новинарот на суд „не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите што е должен да ги докажува“ (можно ли е навистина да мислат дека некој таен извор ни дојавил дека градот не е украсен?).
Другите градови само најавиле дека ќе украсуваат, а сѐ уште немаат почнато, ги кодоши Арсов комшиите и енергично и со големи букви бара да го објавиме неговиот ДЕМАНТ и ЈАВНО ДА СЕ ИЗВИНИМЕ за „навреда и клевета“ и за изнесени „невистинити, манипулативни и тенденциозни тврдења“ со кои се повредувал угледот на Град Скопје (неговата шефица угледот на кутриот Град го повредува откако е стапена на функцијата и прави сите нејзини претходници, главно неодговорни и мрзеливи ликови, во споредба со неа да изгледаат како вредни и плодотворни градоначалници).
„Оваа година Град Скопје е меѓу првите градови во Македонија кој започна со предновогодишно украсување“, самоуверено ќе нагласи Арсов и ќе поентира: „и тоа може да се види на лице место“.
Еве го „лице местото“ денес, петок, 6 декември. „Украсениве“ локации се Партизанска, Климент Охридски, Даме Груев, Македонија, Димитрие Чуповски, 11 Октомври, Кочо Рацин, Кузман Јосифовски Питу, Крсте Петков Мисирков, Јане Сандански, Рузвелтова, Плоштад, Градски парк, Собрание… Имаме и уште слики, како доказ за на суд. Изворот на информацијата, нормално, не го откриваме 😊.
Р.П.