сабота, 27 јули 2024

Израелски тенкови влегоа во три населби во источниот дел на Рафа

Израелски тенкови денес навлегоа подлабоко во Рафа и стигнаа до населени области, проширувајќи ја офанзивата на градот на крајниот југ на Појасот Газа, каде што претходно побегнаа повеќе од милион луѓе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелските меѓународни сојузници и хуманитарни групи постојано го повикуваат Израел да не го спроведува најавениот план за копнена офанзива во Рафа, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до уште полоша хуманитарна катастрофа.

Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани денеска предупреди дека израелските операции во Рафа доведоа до мртва точка во мировните преговори.

Израел најави дека ќе спроведе офанзива во Рафа и покрај противењето на сојузниците, тврдејќи дека операцијата е неопходна бидејќи уште четири баталјони на Хамас се наоѓаат во областа.

„Тенкови утрово напредуваа западно од патот Салахудин, во соседството Бразил и Џнеина. Тие се на улиците во населена област и се водат борби“, изјави жител за Ројтерс. Снимките на социјалните мрежи покажуваат тенк на улицата Џорџ во Џнеина, но Ројтерс не можел да ја потврди нивната автентичност.

Израел пред една недела издаде предупредување до жителите да го напуштат источниот дел на Рафа, а во саботата додаде уште неколку зони.

Жителите заминуваат на празни парчиња земја, вклучувајќи ја и Ал-Маваси, песочна крајбрежна област што Израел ја одреди како хуманитарна зона. Организациите предупредуваат дека таму нема санитарни услови или други инсталации неопходни за приливот на бегалци.

УНРВА, агенцијата на Обединетите нации во Газа, проценува дека околу 450.000 луѓе ја напуштиле Рафа од 6 мај.

„Луѓето се соочуваат со умор, глад и страв. Никаде не е безбедно“, напиша агенцијата на платформата Икс.

Борбите се интензивираат и во други делови на Појасот, вклучително и на северот каде што израелската армија се врати откако пред неколку месеци тврдеше дека таму го уништила Хамас. Израел најави дека овие операции се спроведуваат за да се спречи Хамас повторно да воспостави воени капацитети во областа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ