сабота, 27 јули 2024

Израелски напади врз Појасот Газа: Убиен командант на Исламски џихад, од вторникот 25 мртви (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Исламски џихад, кој од средата попладне истрела неколку стотици ракети, се закани дека „израелските убиства ќе останат неказнети и дека за отпорот сите опции се на маса“.

Военото крило на организацијата, Бригадите ал-Кудс, објави дека командантот на ракетната единица Али Гали е убиен на југот од Појасот Газа со „други маченици“.

Очевидци рекле дека горниот кат од зградата бил уништен во израелскиот напад врз Кан Јунис, а палестински здравствени извори соопштија дека се убиени уште две лица.

Израелската армија во соопштение потврди дека „борбените авиони го гаѓале“ Гали додека тој „се криел во стан во Кан Јунис“.

Сегашната ескалација на насилствата е најжестоката од август 2022 година меѓу палестинските вооружени организации во Појасот Газа под контрола на исламски Хамас и Израел.

Советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џејк Саливан, во телефонски разговор со својот израелски колега Цахи Ханегби, ја истакна потребата од смиреност и спречување на понатамошни загуби на животи, алудирајќи на напорите на Египет да обезбеди прекин на огнот, рече Белата куќа.

Претходно, портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) изјави дека Антонио Гутереш е „многу загрижен“ и сака да се осигури дека „нема да има понатамошна ескалација“.

Откако Палестинците ги истрелаа првите ракети во средата попладне, се огласија сирените за противракетна тревога во израелските градови околу Појасот Газа, но и далеку на исток во Бершева и областа на Тел Авив на 80 километри посеверно.

Според израелската армија, до 21:30 часот по локално време од Појасот Газа биле истрелани 469 ракети, од кои 333 влегле во израелскиот воздушен простор.

Повеќе од половина биле пресретнати од системот за противракетна одбрана. Причинета е голема штета, но нема жртви.

Исламски џихад, организација што Израел, ЕУ и САД ја имаат означено како „терористичка“, од вторникот е цел на израелски напади.

Организацијата вети, како што наведе, „одговор во иста мера како и злосторствата против нашиот народ и нашите борци“ – елиминацијата на тројца нејзини воени водачи во израелските напади во Појасот Газа во кои во вторникот загинаа 15 лица, меѓу кои и четири деца.

Според податоците на движењето, оттогаш во нападите на израелската армија биле убиени уште десет лица, меѓу кои и десетгодишно девојче и четворица борци на Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП).

Во Појасот Газа, тесна територија опфатена со сиромаштија и невработеност, каде што 2,3 милиони Палестинци живеат под израелска блокада, се случија неколку војни со Израел од 2008 година.

„Чувствувам дека ќе избие војна, има тензија и страв“, изјави за АФП Монтер Абдалах, 50-годишен жител на Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ