За време на состанок со функционери на израелската војска, Кац го коментирал конфликтот со Хезболах, војната во Газа и засилените тензии со Иран.
Истакнал дека „иранските нуклеарни објекти се поранливи од кога било по израелските напади на нивните објекти за противвоздушна одбрана“, со што навестил можност за воени напади на иранските нуклеарни објекти.
Кац кажал дека главната цел на нападите, со кои е уништена речиси цела Газа, е враќање на израелските заложници.
Што се однесува до нападите во Либан, Кац кажал дека „нема да има примирје со Хезболах додека не се остварат целите на војната“.
Како што објавија израелските медиуми, министерот за стратегиски прашања на Израел, Рон Дермер, многу близок до премиерот Бенјамин Нетанјаху, отпатувал во Соединетите Американски Држави за да разговара за прекин на огнот со Хезболах во Либан.