сабота, 27 јули 2024

Израелската војска ги проширува борбите во Рафа на југот на Газа

Израелската војска, според извештаите на израелските медиуми, сака да ја прошири борбата против палестинската милитантна група Хамас до најјужниот дел на Појасот Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Војската сака да ја прошири борбата на бригадата на Хамас во Рафа, како што тоа во моментов го прави со единиците на Хамас во областа на јужниот град Кан Јунис, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, пренесе весникот Тајмс оф Израел.

Повеќе од 1,3 милиони луѓе живеат во Рафа и околината, што е повеќе од половина од населението на Појасот Газа од околу 2,2 милиони. Тие ги напуштија своите домови и побараа засолниште од борбите во тој град. Пред војната, Рафа имаше околу 250.000 жители.

Речиси четири месеци по координираните напади на палестинската милитантна група Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кои загинаа околу 1.200 луѓе, израелските копнени сили навлегоа длабоко во Појасот Газа за да се обидат да го уништат Хамас.

Сепак, јужниот крај на палестинската крајбрежна област, кој се граничи со Египет со поделениот град Рафа и истоимениот граничен премин, засега не бил цел на копнените сили.

Бригадата на Хамас во Кан Јунис е во колапс, рече Галант за време на посетата на војниците во градот, објави весникот.

Кан Јунис се смета за упориште на Хамас.

Галант рече дека операцијата ќе биде завршена таму и дека ќе се пресели во Рафа за „да се елиминира секој терорист што се обидува да ни наштети“.

Волстрит џурнал пред три недели објави, повикувајќи се на неименувани израелски и египетски извори, дека израелските власти го информирале Египет за планирана воена операција долж границата со Газа.

Граничниот премин Рафа е под контрола на египетски и палестински функционери, ангажирани од Хамас.

Израелското раководство се сомнева дека тунелите кои минуваат под границата меѓу Египет и Газа сè уште се користат за шверц на стоки и оружје за Хамас во Појасот Газа.

Во Кан Јунис, Израел започна голема копнена офанзива минатата недела.

Истовремено додека продолжува израелската воена операција во Газа, катарските и египетските посредници се надеваат на позитивен одговор од Хамас, кој управува со Газа, на првиот конкретен предлог за продолжен прекин на непријателствата, договорен со Израел и САД на разговорите во Париз минатата недела.

Палестински функционер запознаен со преговорите изјави за Ројтерс дека предлогот предвидува прва фаза од 40 дена, за време на која борбите ќе престанат и Хамас ќе ги ослободи преостанатите цивили меѓу повеќе од 100 заложници што сè уште ги држи.

Во понатамошните фази, Хамас ќе ги предаде израелските војници и телата на загинатите заложници.

Таква долга пауза во борбите би била прва по 7 октомври, кога борците на Хамас го нападнаа Израел.

Здравствените власти во енклавата во четвртокот изјавија дека досега е потврдено дека се убиени повеќе од 27.000 Палестинци, а илјадници мртви сè уште лежат под урнатините.

Палестински функционер рече дека е малку веројатно Хамас веднаш да го одбие предлогот, но ќе бара гаранции дека борбите нема да продолжат, на што Израел не се согласи.

Жителите на Газа известуваат дека израелските сили гаѓале области околу болниците во Кан Јунис и ги интензивирале нападите во близина на Рафа.

Борбите се интензивираа во последните денови и во северните области околу градот Газа, за кои Израел тврди дека ги освоил пред неколку недели.

Се чини дека САД не се успешни во своите повици до Израел да ја олесни состојбата на цивилите во Газа.

Сепак, Вашингтон го засилува индиректниот притисок.

Американскиот претседател Џо Бајден издаде извршна наредба со цел да ги казни еврејските доселеници кои ги напаѓаат Палестинците на окупираниот Западен Брег во бранот насилства предизвикани од војната во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ