КОГАТ, одделение на министерството за одбрана на Израел задолжено за цивилните работи во Газа, наведе дека помошта е испорачана врз основа на инструкцијата на министерот за одбрана Јоав Галант и на „политичкиот ешалон“, пренесе Асошијетед прес.
Северна Газа беше првата цел на големата израелска офанзива од воздух и од копно по нападот на палестинските екстремисти предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година на југот на Израел, кој ја предизвика војната.
Овој дел на Газа претрпе тешко разурнување и израелската војска го опколува речиси една година.
Храна не влезе на северот на Газа во првите две недели од овој месец, според информациите на Светската програма за храна, откако Израел таму започна уште една голема воена операција.
Тоа поттикна страв дека Израел планира да го примени планот на поранешните генерали да го намали бројот на жителите на северна Газа.
Израел во понеделникот повторно дозволи испорака на храна.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин им напишаа на своите израелски колеги во неделата предупредувајќи ги дека Израел има на располагање 30 дена да го зголеми бројот на камиони со хуманитарна помош кои секојдневно влегуваат во Газа на 350 или американскиот сојузник на таа земја ќе размисли дали и понатаму да испорачува оружје.
САД потрошија најмалку рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош на Израел откако почна војната во Газа и откако судирот ескалираше низ целиот Блиски Исток, судејќи според извештајот за проектот Трошоци на војната на Универзитетот Браун.
Помошта денеска влезе во Газа преку граничниот премин Ерез во Израел, а патуваше од Јордан и помина израелска инспекција.
КОГАТ соопшти дека се испорачани храна, вода, медицински резерви и опрема за засолништа.