петок, 8 ноември 2024

Израелци претепани од пропалестински активисти во Амстердам, Нетанјаху праќа спасувачки авиони (ВИДЕО)

Навивачите на израелскиот фудбалски клуб Макаби Тел Авив „синоќа беа нападнати од заседа во Амстердам“ додека го напуштаа стадионот по натпреварот од Европа-лигата против холандски Ајакс, соопштија израелските власти.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Се појавија и видеа што го покажуваат насилството врз навивачите на Макаби. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека 10 израелски државјани се повредени и ги советуваше сите Израелци во Амстердам да останат во своите хотели.

Саар побара од својот холандски колега Каспар Велдкамп да им помогне на Израелците да стигнат од своите хотели до аеродромот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека станува збор за сериозен инцидент и нареди да се испратат два авиони за евакуација на израелските граѓани.

Израелскиот лидер ги повика и холандските власти „да дејствуваат решително и брзо против бунтовниците и да обезбедат мир“. Израелската армија потврди дека ќе учествува во евакуацијата. „ИДФ (Израелските одбранбени сили) се подготвуваат веднаш да распоредат спасувачка мисија со координација на холандската влада. Мисијата ќе биде распоредена со помош на товарни авиони и ќе вклучува медицински и спасувачки тимови“, се вели во соопштението.

Полицијата во Амстердам соопшти дека го зголемила присуството во центарот на градот во средата навечер, ден пред натпреварот, поради можни тензии во неколку области. Полицајците „спречиле конфликт меѓу група таксисти и група посетители што излегле од соседното казино“. Тие споменаа уште еден инцидент во кој било симнато палестинското знаме во центарот на Амстердам.

Асошиејтед прес пишува дека навивачите на Макаби очигледно се судриле со пропалестински демонстранти. Судирите избувнале и покрај забраната за пропалестински протести, која беше воведена од градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, која стравувала од ескалација.

Според полицијата, конфликтот избил на повеќе локации во центарот на холандската престолнина, но не е прецизирано од која страна почнало насилството. Уапсени се вкупно 57 лица, соопшти полицијата. Амстердамската ТВ-станица АТ5 објави дека демонстрантите фрлале со столчиња кон навивачите на Макаби. Полициските сили ги штителе Израелците и ги придружувале до нивните хотели.

Во попладневните часови во центарот на градот избил конфликт меѓу израелските фудбалски навивачи и полицијата. Според полицијата, уапсени се десетина лица поради нарушување на јавниот ред и мир и поседување нелегални пиротехнички средства.

Пред натпреварот имало изолирани судири во близина на стадионот на југоистокот од градот. Според полицијата, околу 200 демонстранти се обиделе да стигнат до местото на одржување на натпреварот.

Тајмс оф Израел тврди дека напаѓачите на израелските граѓани носеле палестински знамиња и извикувале „слобода за Палестина“. Други израелски медиуми јавуваат дека пасошите на некои израелски државјани биле украдени.

Холандски политичар: Станавме европска Газа

„Навивачите што отидоа да гледаат фудбалски натпревар наидоа на антисемитизам и беа нападнати со незамислива суровост само поради своето еврејство и израелство“, напиша израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир во објава на Икс.

Тој додаде дека нападот е „знак за предупредување за сите европски земји“ за проблемот со „радикалното муслиманско насилство“. „Оние што замижуваат пред исламскиот тероризам на Блискиот Исток ќе го сретнат дома во Европа и на Запад. Денеска жртвите беа Израелци, утре тие би можеле да бидат Европејци“, рече тој.

Екстремно десничарскиот холандски политичар Герт Вилдерс, чија партија е член на холандската влада, рече дека неговата земја станала „Газа на Европа“. „Погром на улиците на Амстердам. Муслимани со палестински знамиња ловат Евреи. Јас НЕМА да го прифатам тоа. НИКОГАШ“, истакна тој и најави дека надлежните органи ќе одговараат за своите пропусти.

 

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ