понеделник, 30 декември 2024

Израел почна копнена офанзива во Либан

Израелската војска потврди дека нејзините војници извршиле копнена инвазија на Либан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека започнале „локализирани и насочени напади“ врз цели на Хезболах во пограничната област на јужен Либан.

„Овие цели се наоѓаат во селата блиску до границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел“, додаваат тие.

Тие наведоа и дека операцијата ќе продолжи „во согласност со проценката на ситуацијата и паралелно со борбите во Газа и на другите фронтови“.

Либанската војска се повлече од границата со Израел, пред израелската копнена инвазија, само неколку дена откако Израел го уби лидерот на проиранската вооружена група Хезболах, што ги ескалира регионалните тензии.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им рече на водачите на локалните совети во северниот дел на Израел дека наскоро ќе започне следната фаза од војната долж јужната граница на Либан, чија цел е враќање на Израелците кои избегаа од ракетите на Хезболах во речиси една година гранично насилство.

Тој, исто така, ѝ рече на израелската војска: „Ќе ги користиме сите потребни средства – вашите сили, други сили, од воздух, од море и од копно. Среќно“.

Либанската војска се повлече од своите позиции долж својата јужна граница на околу пет километри северно, соопштија либанските безбедносни сили.

Амал Ал-Хурани, градоначалничката на претежно христијанскиот град Џејдет Марџајун, на околу 10 километри од границата, изјави за Ројтерс дека двајца жители добиле повици од израелската војска со наредба да се евакуираат што е можно поскоро.

Убиството на Хасан Насрала, најмоќниот лидер на „Силите на отпорот“ против израелските и американските интереси на Блискиот исток, е еден од најтешките удари за Хезболах и Иран во последните неколку децении.

„Вашингтон пост“ цитираше анонимен американски функционер дека Израел ги информирал САД дека операцијата ќе биде со помал опсег од операцијата против Хезболах во 2006 година и ќе се фокусира на безбедноста на границите.

Минатата недела Израел го отфрли предлогот на САД и Франција за 21-дневен прекин на огнот со цел дипломатско решение што ќе им овозможи на раселените цивили од двете страни да се вратат дома.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој имаше мал успех обидувајќи се да го спречи Израел да ги нападне Хезболах или Хамас, повика на примирје.

„Загрижен сум повеќе отколку што можеби знаете и посакувам да престанат“, им рече Бајден на новинарите на прашањето за инвазијата на Израел на Либан. „Ни треба примирје веднаш“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ