Документот од 19 страници во голема мера ги потврдува веќе познатите факти за причините за катастрофалната загуба на околу 1.200 животи, кога приближно 5.000 вооружени членови на Хамас и други палестински групи го нападнаа Израел, при што земаа 251 заложник во Газа.
Иако не дава драматични откритија, извештајот јасно покажува како израелската војска погрешно ги проценила намерите на Хамас и ги потценила неговите способности, пишува Би-би-си.
Израелската војска ја сметаше Газа за секундарна безбедносна закана, со приоритет биле Иран и Хезболах. Нејзината политика кон Газа е опишана како „парадоксална: Хамас беше нелегитимен, но немаше напор да се развие алтернатива“.
Војската избра пристап за „управување со конфликти“ кон Газа со претпоставка дека Хамас „не е заинтересиран ниту се подготвува за војна од големи размери“, перцепција дополнително засилена со тактиката на измама на Хамас.
Доказите од 2018 година наваму што сугерираат дека Хамас – кој се смета за терористичка организација од Израел, САД, Велика Британија и други земји – навистина развива амбициозен план, се протолкувани како „нереални или неостварливи“ и биле сфатени како „долгорочна амбиција на Хамас, а не конкретна закана“.
Во месеците пред војната, Управата за разузнавање на израелската војска почнала да развива нова проценка, според која планот на Хамас не бил само визија, туку „конкретна рамка за оперативно планирање“.
Сепак, оваа нова проценка не била пренесена на повисоките претставници на военото разузнавање.
Извештајот идентификува широко распространето самозадоволство во војската во врска со намерите на Хамас и начинот за справување со заканата.
„Никогаш не се водела сериозна дискусија за прашањето: Што ако грешиме?“, стои во извештајот.
Со текот на времето, се разви „значаен и континуиран јаз помеѓу разузнавачките проценки за Хамас и реалноста“.
Извештајот, исто така, укажува дека дошло до „пад на длабочината на разбирањето на различниот светоглед на непријателот, вклучувајќи ја неговата култура, религија, јазик и историја“.
Ова е причината зошто се повикува на длабоки реформи во културата на Дирекцијата за разузнавање „поттикнувајќи на интелектуална отвореност, скептицизам, слушање, учење, дебата и конструктивно несогласување“.
Во извештајот се вели дека желбата да се заштитат вредните разузнавачки извори придонела за неуспехот на војската да го подигне нивото на тревога непосредно пред 7 октомври.
Исто така, признава дека дивизијата на ИДФ задолжена за Газа „беше ефикасно поразена за неколку часа“ на 7 октомври, значително нарушувајќи ја нејзината способност да разбере што се случува и соодветно да одговори.
Израелските воздухопловни сили реагираа брзо, но имаа „значителни тешкотии да разликуваат војници на ИДФ, цивили и терористи“. Извештајот, исто така, открива дека во некои случаи ранетите војници биле евакуирани пред цивилите.
По презентирањето на наодите пред командантите во понеделникот, началникот на Генералштабот на ИДФ во заминување, генерал-полковник Херзи Халеви, ја презеде целосната одговорност за неуспесите.
„Јас ја преземам одговорноста. Моја е. Јас бев командант на армијата на 7 октомври и ја имам мојата одговорност, но и вашата одговорност. Сметам дека и таа е моја. И во секоја наредба што тргна наопаку, и јас имам свој дел“, вели тој во видео порака.
Минатиот месец Халеви ја објави својата оставка поради неуспехот да ги спречи нападите и повика на формирање на истражна комисија, која ќе спроведе поширока анализа и ќе помогне да се спречат нови напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не призна никаква одговорност за неуспесите на 7 октомври, рече дека државната истрага треба да почека до крајот на војната. Неговите критичари го обвинуваат дека одбива да признае каква било лична одговорност.
Израел одговори на нападот на 7 октомври со покренување воздушна и копнена офанзива на Газа, при што, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, загинале најмалку 48.365 луѓе.