„Израелските сили се во многу висока состојба на готовност… во одбрана и во напад. Ние сме целосно подготвени за секое сценарио. Најважно е да кажеме дека сме фокусирани и остануваме фокусирани на борбата против Хамас“, изјави синоќа портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
Високиот функционер на Хамас Салех Арури беше убиен вчера во Бејрут, потврдија Хамас и Хезболах.
Либанската државна новинска агенција објави дека Аури и уште пет лица загинале во експлозија предизвикана од израелско беспилотно летало.
Лидерот на Хамас, Исмаил Хание, го осуди „прекршувањето на суверенитетот на Либан“ и „проширувањето“ на војната што се води во Појасот Газа.
„Движењето чии водачи и основачи паѓаат како маченици за достоинството на нашиот народ никогаш нема да биде поразено“, рече Хание.
Арури, еден од основачите на военото крило на Хамас, беше на чело на групата на Западниот Брег.