четврток, 26 декември 2024

Израел проценува дека 51 заложник заробен во Газа е жив

Израелските аналитичари наведуваат дека во моментов палестинскиот Хамас држи 51 жив заложник, а останатите се мртви, иако тоа не е официјално објавено, објави весникот Израел хајом (Израел тудеј).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пред два месеци, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на брифинг пред парламентарната комисија изјави дека половина од заложниците се живи.

Податоците на кои се потпира Нетанјаху се засноваат на информации собрани преку различни канали од 7 октомври минатата година кога палестинските екстремисти од Газа предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел.

Тоа значи дека 50-те израелски заложници кои се држат во Газа веќе не се живи, иако 37 од нив досега се официјално прогласени за мртви и велат дека нивните тела ги држи Хамас. Се проценува дека уште најмалку 13 се загинати, јавуваат израелските медиуми.

Исто така, се вели дека оваа разлика се објаснува со фактот дека потврдата за смрт бара апсолутен доказ врз основа на кој медицинските и верските рабински власти можат да прогласат дека некое лице повеќе не е живо.

Такви докази нема, но се чини дека Израел има доволно информации за да процени колку заложници сè уште се живи.

Стотици израелски демонстранти синоќа во Тел Авив го изразија своето незадоволство од владата поради тоа што не успеа да постигне договор за прекин на огнот и да ги врати преостанатите заложници од Газа дома.

Веејќи израелски знамиња, демонстрантите носеа и транспаренти со пораки: „Договор сега“, „Стоп за војната“, „Нема да ги оставиме“ и извикуваа „Зошто сè уште се во Газа“.

Противниците на владата се прашуваат зошто нема примирје сега кога Израел постигна многу од своите воени цели, вклучувајќи го и убиството на водачот на Хамас Јахја Синвар во октомври.

Израел, американски официјални лица и некои аналитичари рекоа дека Синвар е пречка за примирје меѓу Израел и Хамас, пренесува Франс прес.

Демонстрантка загрижена за свој роднина кој сè уште е во Газа го обвини Нетанјаху дека ги саботира преговорите за примирје и дека тој постојано го обвинувал Синвар, а сега Синвар го нема. „Нетанјаху секогаш наоѓа друга причина“, рече таа. Таа додаде дека „крвавата војна мора да престане и дека многу војници и обични граѓани умираат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ