Според информациите на Анадолу, која се повикува на функционери за надгледување на воздушниот простор поврзани со опозицијата, израелски воени авиони го нападнале воениот аеродром Мезех во Дамаск, Кениетра, Минкет ал Хадаб, безбедносната зона и неколку други области, вклучително и воената база Калкалех, Тел ал Талиб во Дараи и други места во градот Гита.
На целните локации се наоѓаат стратегиски воени објекти и магацини за оружје, соопшти Анадолу.
Според извори на агенцијата, колапсот на сириската армија може да им овозможи на вооружените групи да влезат во тампон-зоната на границата со Израел.
Како резултат на тоа, израелските сили се распоредени во областа, подготвувајќи се за сценарија каде што може да бидат потребни резервни сили.
Според израелската државна телевизија КАН, израелската војска ја потврдила окупацијата на планината Хермон на сириската страна на Голанската висорамнина.
Операцијата, наводно, започнала откако бунтовничките групи почнале да ги заземаат позициите на сириската армија во близина на границата со Израел.
Сирија веќе 13 години е арена на граѓанска војна, а по период на релативно затишје, на 27 ноември повторно избувнаа судири меѓу силите на режимот на Асад и антирежимските групи во руралните области западно од Алепо.
Опозициските сили покренаа офанзива, заземајќи ги клучните градови, а потоа, во неделата, и главниот град Дамаск, што доведе до колапс на режимот на Башар ал-Асад, кој побегна со семејството во Москва, а Русија им даде азил.