Во напад рано утринава погодена е зграда во палестинскиот камп Аин ал Хилве во близина на градот Сидон, во јужен Либан. Тоа е прв напад врз преполниот бегалски камп, најголем од неколкуте палестински кампови во Либан, откако избија прекугранични непријателства пред речиси една година, наведува Ројтерс.
Засега не е позната судбината на воениот командант. Израелската војска денеска потврди дека започнала ограничени, локализирани и насочени напади врз цели на Хезболах во пограничната област на јужен Либан.
Израелската војска соопшти дека израелските воздушни сили и артилерија ги поддржуваат копнените сили со прецизни напади врз воени цели. Таа додаде дека целите се наоѓаат во селата во близина на границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел.
Нешто по полноќ во вторникот, масивни последователни експлозии се слушнале низ либанскиот главен град Бејрут, наведе Ројтерс.
Претходно беше објавено дека најмалку два израелски проектили ги погодиле јужните предградија на Бејрут. Израелската војска предупреди еден час претходно дека ќе погоди одредени згради во густо населените јужни предградија, велејќи дека тие се користат од вооружената група Хезболах како објекти и им порача на жителите да си заминат.
Lebanon 💥💥 pic.twitter.com/TB7rBW9eLF
— Mossad Commentary (@MOSSADil) September 30, 2024
Стравувањата од копнена инвазија се зголемија во понеделникот кога либанските трупи се повлекоа од границата со Израел, а американски официјален претставник изјави дека израелските трупи се чини дека се подготвени да влезат во Либан.
Локалните жители во либанскиот пограничен град Аита ал Шааб пријавија силно гранатирање и звук од хеликоптери и беспилотни летала над нив. Интензивните израелски воздушни напади во последните денови елиминираа неколку команданти на Хезболах, но, според либанската влада, исто така убиле околу 1.000 цивили, а еден милион биле принудени да ги напуштат своите домови.
Во последните 24 часа, најмалку 95 лица загинаа, а 172 се ранети во израелските напади врз јужните региони на Либан, долината Бека и Бејрут, соопшти либанското Министерство за здравство рано во вторник.
Исто така, Ројтерс објави дека најмалку 11 Палестинци биле убиени, меѓу кои жени и деца, во израелски напад врз куќа во кампот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа. Агенцијата ја доби информацијата во вторникот рано наутро од медицинскиот персонал во Газа.