петок, 25 октомври 2024

Израел најави планови за изградба на нова еврејска населба на окупираниот Западен Брег

Израел денеска објави планови за изградба на нова еврејска населба на окупираниот Западен Брег.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова го соопшти израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, а медиумите објавија дека тоа ќе биде прва нова еврејска населба на таа територија од 2017 година и дека ќе зафаќа површина од 148 хектари.

Изградбата на новата населба беше најавена еден ден пред планираните нови разговори за прекин на огнот во Газа, кои се сметаат за клучни за спречување на регионална војна, јавуваат агенциите.

Ултрадесничарот Смотрич рече дека изградбата на населбата е одговор на дејствијата на палестинското раководство на Западниот Брег и земјите што ја признаа палестинската држава.

„Ниту една антиизраелска или антиционистичка одлука нема да го запре развојот на населбите. Ќе продолжиме да се бориме против опасната идеја за палестинска држава. Тоа е мојата животна мисија“, рече Смотрич.

Повеќето членки на ОН ги сметаат еврејските населби изградени на Западниот Брег и другите територии освоени од Израел во Шестдневната војна во 1967 година за нелегални според меѓународното право.

Израел го оспорува ова наведувајќи ги историските и библиските врски на еврејскиот народ со земјата.

Во јуни земјата најави легализација на пет диви населби на Западниот Брег, основање на три нови населби и присвојување големи делови од земјиштето на кое Палестинците се обидуваат да основаат независна Палестина, што само го зголеми нивниот гнев.

Израелската левичарска организација „Мир сега“, која води кампања против населувањето, оцени дека новите планови за населување имаат цел да го спречат палестинскиот територијален континуитет и претставуваат уште еден чекор кон, како што вели, де факто анексија на Западниот Брег.

Се наведува и дека новата населба ќе се гради на земјиште што им припаѓа на древните земјоделски тераси, кои се на листата на светско наследство на УНЕСКО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ