Канцеларијата на Бенјамин Нетанјаху го обвини Хамас дека се обидува да добие „отстапки во последен момент“ во врска со одредени аспекти од договорот.
„Хамас се повлекува од делови од договорот постигнат со посредниците и Израел, во обид да изнуди отстапки во последен момент. Израелскиот кабинет нема да се состане додека посредниците не го известат Израел дека Хамас ги прифатил сите елементи од договорот“, се наведува во соопштението, пренесе Ројтерс.
Состанокот, првично закажан за 11 часот по локално време, бил одложен бидејќи, како што пишува Јерусалим пост, „делегацијата задолжена за договорот за заложниците не ја завршила својата работа во Катар и се вратила во Израел“.
„Кога делегацијата ќе се врати, комитетот за безбедност ќе се состане“, се додава.
Хамас, пак, рече дека му останува посветен на договорот за прекин на огнот објавен од посредниците во средата.
Ројтерс ја пренесува изјавата на висок функционер на Хамас, Изат ал Решик, кој го потврди ова неколку минути откако кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека планираниот состанок на израелскиот безбедносен кабинет, кој требаше да го одобри договорот, е откажан.
Според условите на договорот, првата група од 33 заложници треба да биде ослободена в недела во замена за Палестинците што се чуваат во израелските затвори, а на ранетите во Газа ќе им биде дозволено да ја напуштат територијата заради лекување.