сабота, 27 јули 2024

Израел ги зголеми воздушните напади врз Рафа, тенкови се пробиваат на северот на Газа

Израелски тенкови со воздушна и копнена поддршка денеска дополнително се пробија во Џабалија на северот на Појасот Газа, јавуваат тамошните жители и Хамас, додека и јужна Рафа е исто така под воздушни напади.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тенкови се движат кон центарот на кампот во Џабалија, најголемиот од осумте историски бегалски кампови во Газа, дом на повеќе од 100.000 луѓе, од кои повеќето потомци на Палестинцитe протерани од градовите и селата од сегашен Израел за време на арапско-израелската војна во 1948 година, што доведе до создавање на државата Израел.

Жителите известуваат дека тенкови го гаѓаат центарот на кампот и дека се уништени десетици куќи. Израелската војска принуди стотици Палестинци да ги напуштат своите засолништа, пишува Ројтерс.

Во Рафа, во близина на границата со Египет, Израел ги засили воздушните напади врз источните делови на градот, при што загинаа луѓе во куќа во населбата Бразил.

Жителите известуваат дека сега се стационирани тенкови на улицата Салахудин, која минува низ источните делови на градот, а автопатот е блокиран поради жестоките борби. Се додава дека источните делови на Рафа станале „град на духови“. Хамас објави дека неговите борци се борат со израелските сили на улиците источно од Рафа и источно од Џабалија.

Израелската војска неколкупати ги вклучи сирените во област во близина на Газа, предупредувајќи на потенцијален прекуграничен оган. Израелската војска доцна во саботата објави дека го спречила Хамас да ги обнови своите воени капацитети во Џабалија.

„Бомбардираа насекаде, дури и во близина на училишта каде се сместени оние кои останаа без домови“, вели 45-годишниот Саед за Ројтерс.

„Војната повторно почнува, така изгледа во Џабалија“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ