Воениот кабинет на Израел сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов жените, мажите над 50 години и тешко болните да бидат ослободени. Притоа кабинетот во четвртокот го овласти преговарачкиот тим на Израел да разговара за пофлексибилен пристап со египетската делегација, кои денеска во Тел Авив ќе имаат дополнителни разговори, објави израелската веб-страница Инет.
Неименуван висок израелски функционер подоцна изјави за веб-страницата дека Израел всушност се согласува на ослободување на 33 заложници, а на страницата се наведува дека Хамас инсистирал бројот на ослободените заложници да биде поблиску до 20.
Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во тие категории, но Хамас рече дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои сè уште се живи.
Посредниците од Катар, Египет и САД им дадоа на конфликтните страни, Израел и Хамас, нов предлог за прекин на огнот во Појасот Газа, кој треба да се спроведе во три фази.
Првата фаза вклучува ослободување на 40 израелски заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа во замена за ослободување на 900 Палестинци од израелските затвори, меѓу кои и 100 доживотно осудени.
Други точки од предлогот вклучуваат враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Појасот Газа и влез во енклавата од 500 камиони дневно кои носат хуманитарна помош.