петок, 26 јули 2024

Израел денес пред судот во Хаг поради обвинувањето од Јужна Африка за геноцид во Газа

Израел и Јужноафриканската Република се соочуваат денес пред највисокиот суд на Обединетите нации – Меѓународниот суд на правдата во Хаг – каде судиите го сослушуваат јужноафриканското обвинение во кое Израел е обвинет за геноцид над Палестинците во Појасот Газа и се бара итно сопирање на израелските напади.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународниот суд неделава има два дена сослушувања во предметот кој беше поднесен на крајот на декември и во кој Израел се обвинува за кршење на Конвенцијата за геноцид од 1948 година, пренесува Ројтерс.

Израел целиот случај го отфрла како апсурден и ја обвини Јужна Африка дека игра улога на „адвокат на ѓаволот“ за Хамас. Портпаролот на израелската влада Ејлон Леви изјави пред сослушувањето дека „Израел останува приврзан на меѓународното право“ и истакна дека сите воени акции се насочени против Хамас.

Одлуката на судот за итни мерки се очекува подоцна месецов. Судот за обвинувањата за геноцид ќе одлучува во својата конечна пресуда која се очекува за неколку години.

Одлуките на Меѓународниот суд на правдата се конечни и без право на жалба, но судот нема начин да ги спроведе. Јужноафриканската Република и Израел се потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид која ги обврзува потписничките да не вршат геноцид како и да го спречат и казнат.

Конвенцијата го дефинира геноцидот како „дела извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, една национална, етничка, расна или верска група“.

Во својата тужба Јужна Африка тврди дека Израел не обезбедил непречено доставување храна, вода и лекови и друга неопходна хуманитарна помош на палестинската енклава.

Јужна Африка истакнува дека во израелската воена операција загинале повеќе од 23.000 луѓе, според податоците на министерството за здравство во Газа.

Израел ги почна нападите на Појасот Газа по упадот на Хамас на југот на Израел во октомври кога беа убиени 1.400 луѓе и беа грабнати околу 240 заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ